Јањиќ: Признавањето на Kосово помала отстапка отколку името на Македонија

Грција до крајот на годинава ќе ја признае независноста на Kосово, но и натаму ќе го одлага решавањето на прашањето за името на Македонија и тоа ќе биде единствената отстапка на властите во Атина кон меѓународната заедница, објави интернет-порталот „Еурактив”, повикувајќи се на српски медиуми.

Според објавените информации, Грција за добивање финансиска помош морала да исполни неколку услови и тоа не само економски туку и политички.
Не е тајна дека ЕУ би сакала Грција да го признае Kосово и да го реши прашањето за името со Македонија, но аналитичарите од регионот оценуваат дека би било премногу од Атина да се бараат толку отстапки.
– Грчката влада ќе игра прагматично. Ќе го признае Kосово, со цел да го одложи решавањето на името на Македонија. Алексис Ципрас, доколку повторно биде премиер, ќе мора да направи отстапки, ама во случајов тоа ќе биде Kосово – вели српскиот политички аналитичар Душан Јањиќ.
За „Дневник” тој додава дека условувањата кон Грција доаѓаат пред сe од Вашингтон. Грција, според него, веќе не е во ситуација да биде толку самостојна ни во однос на ЕУ ни во однос на САД како што беше пред финансиската катастрофа. Долговите и се санирани, одложен е банкротот, но за тоа САД ја притиснаа ЕУ, повикувајќи се на улогата на Грција во јужното крило на НАТО. Во таква ситуација сигурно Грција мора нешто и да даде. Она што им е многу важно на Американците за претседателската кампања на демократите, објаснува Јањиќ, за жал, не е името на Македонија, туку Kосово. Целта е Грција да биде една од земјите на ЕУ кои ќе го признаат Kосово, а потоа ќе повлече уште некоја земја на ЕУ. Тој очекува следна да биде Романија, па потоа Словачка и другите што ќе се повикуваат на заедничката европска политика.

Атина не може да продаде наеднаш сe

– Што се однесува до Македонија, Грците едноставно не би продале веднаш сe. Во меѓусебниот дијалог и двете страни сe уште имаат таканаречени радикални бара­ња. И тоа е просторот на кој Грција ќе игра. Македонија, за разлика од Kосово, не е спорна како држава, туку и се оспорува името, односно името на нацијата која ја прави државата и јас лично мислам дека и Македонија треба да се спреми на подолга игра и да ги префрли работите на друг терен, кон стабилноста и докажувањето на НАТО дека таа е пожелен партнер. Значи, Македонија може да очекува пожесток притисок од НАТО, САД и од Европа врз Грција оној момент кога ќе се приближи до членство во НАТО и тоа треба да биде нејзината агенда. Нема причина да се откажува од името Република Македонија, да додава северна, јужна и каква не, ама има причини привремено да ги нормализира односите со Грција, без оглед на името и да го интензивира прашањето за внатрешната стабилност и да оди кон НАТО. Kолку побрзо толку подобро – вели Јањиќ.
За разлика од него, грчкиот професор Власис Власидис не ги поврзува овие две прашања – Kосово и прашањето за името.
– Грчката дипломатија не ги поврзуваше овие две прашања ни во минатото ни сега бидејќи Kосово е повеќе прашање на односите меѓу Грција и Србија. Знам дека има тенденција, дури и од претходната влада да го признае Kосово, но не сама Грција, туку заедно со други членки на ЕУ, како Kипар и Романија – вели Власидис.
Според него, нема логика ни економската помош да се врзува со политички услови бидејќи договорот е потпишан.
Тој, како што додава, не очекува оти засега ќе се оди понатаму во процесот на решавање на прашањето за името од она што е досега направено.

Останати вести