Најстарата внука на јапонскиот цар Акихита (83), принцезата Мако (25), наскоро ќе се сврши и ќе се омажи за „обичен” маж, кој нема „сина крв” и кој е нејзин поранешен колега од токискиот Меѓународен универзитет.
Со свршувачката таа ќе стане обичен граѓанин со оглед на тоа дека во согласност со строгите правила ќе мора да се откаже од титулата. Во Јапонија жените немаат право да го наследат тронот и по мажењето немаат право на титула, така што принцезата мора да го напушти царското семејство ако се омажи за човек што нема царска или кралска крв.
Се очекува дека овој потег ќе предизвика расправа за царското наследство, како и дека царот наскоро ќе абдицира. Ниту еден јапонски цар не абдицирал два века и законот тоа не го дозволува, но моментално се разгледуваат измени на законот со кои би му се дозволил таков потег на царот. Него можат да го наследат принцовите Нарухито, Фумихито, Хисахито и Масахито.
Принцезата Мако и Кеи Комуро се запознале во 2012 година, додека и двајцата студирале. Парот наскоро и официјално ќе се венча на церемонија во чии рамки следи и размена на подароци. Принцезата Мако веќе ја напушти царската палата.
Ова е втор ваков случај во јапонското царско семејство. Тетката на Мако, Сајако, се омажи за обичен граѓанин во 2005 година. Таа се откажала од монархистичкиот статус, се преселила во еднособен стан, учела да вози автомобил, да пазари во маркет, сè што дотогаш не правела во царската палата.