Специјалната јавна обвинителка ја напушти седницата на Комисијата за политички систем на чиј дневен ред од минатата среда е Извештајот за работата на СЈО.
– Ова веќе е класичен мобинг, јас повеќе не доаѓам, ќе се појавам само на пленарна седница – рече обвинителката Јанева.
Претходно над еден час пратеничката од Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ, држеше говор и бараше Јанева да ја образложува својата стручност, детали за финансиите и ангажирањето на експертите.
– Јас не сум Супермен, јас сум човек, а извештајот е слика за работата на СЈО. Истражувањата утврдија дека досега дека во изминативе 10 години ниту еден обвинител не го образложувал вака Извештајот, а во последните пет години никој не поднел. Драго ми е што некои институции конечно се разбудија од кома како Врховен суд, Судскиот Совет и Јавно обвинителскиот совет. Да се испита работата на овие институции и сакам да порачам, сите институции кои ја омаловажуваат работата на СЈО, во име на Уставот и законите ќе се избориме со сите опструкции и ќе се потрудиме правосудната фела да се врати во судниците и ќе почне да владее правото, рече Јанева.
Одговарајќи на прашањето на Арвировиќ, дали СЈО планира да набави материјални докази за случаите за кои пратеничката изрази сомнеж дека можат да паднат на суд, специјалната обвинителка одговори дека приоритет во нивната работа е прибавување на докази.
– Ако бидеме живи да ја дочекаме пленарната седница, ќе го чуете специјалното обраќање за извештајот што го имам подготвено – рече Јанева на прашањата на Авировиќ. – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не бил министер во 2014 година, кога се уништувала опремата за прислушување во МВР, туку Гордана Јанкулоска. Благодарам на податокот што ми го дадовте, бидејќи против Јанкулоска не се води истрага за предметот ‘Тврдина’. Но, ако имате доказ дека има и министерски потпис за уништувањето, имате законска обврска да ни го доставите – и рече Катица Јанева на пратеничката Авировиќ, која во говорот тврдеше уште дека опремата била уништена како безвредна а, како што нагласи, ја потпишал министер, и тоа бил Оливер Спасовски. Авировиќ тврдеше и дека се било преснимено од софтверот, немало ништо избришано што може да му служи како податок на СЈО во истрагите и затоа Спасовски го потпишал.
Јанева потоа потврди дека постапуваат по претставките на Драган Павловиќ Латас и на Ермира Мехмети (поради јавното објавување на нивни наводни телефонски разговори), но вештаците иако првично прифатиле да ги вештачат предметите, потоа пратиле допис дека тоа не сакаат да го прават.
– Според Законот за вештаци, нема казна ако вештаците одбијат да вештачат, така што не можеме да ги принудуме. Сега материјалите ги пративме во странски институции – рече Јанева.
Таа им порача на сите што ја опструираат нејзината работа, дека таа и нејзиниот тим ќе се изборат со сите опструкции и ќе ја вратат довербата во судските институции и во владеењето на правото.
Јанева рече и дека за финансирањето на СЈО нема намера да дава повеќе објаснување, а што се однесува до ангажирањето на одредени луѓе како консултанти, им објасни на пратениците дека согласно законот што тие го донеле таа има право самостојно да одлучува кого ќе вработи и да внимава на компетентноста и стручноста како и на етничката застапеност.
– Никој од консултантите не бара надоместок туку напротив, јас инсистирам бидејќи работат со доверливи материјали, а сметам и дека треба да им се вреднува трудот – рече Јанева.
Јанева рече дека е добро што во последниве денови некои институции, како Врховниот суд, Судскиот совет и Јавнообвинителскиот совет, се разбудиле од зимскиот сон.
– Лидија Неделковска да кажа колку време и треба за да одлучи за иницијативата за Едмонд Темелко, Судскиот совет да каже во кој период ќе ја испита работата на судот во однос на „Пуч” и Јавно обвинителскиот совет да објасни согласно кој член е надлежен за предметите што ги бара СЈО – рече Јанева.
Претходно Авировиќ рече дека не е задоволна од извештајот на Јанева, како и од податокот дека само 12 отсто од пруслушуваните материјали се обработени. Таа бараше специјалната обвинителка детално да објасни дали била запазена постапката при примање на прислушуваните материјалите и зошто се случува иако материјалите се предадени, повторно да бидат објавувани вакви материјали што навлегуваат во приватноста на луѓето. Таа праша и по кој критериум биле избрани за консултанти адвокатското друштво Тортевски, професорот Гордон Калајџиев и професорот Мирослав Грчев.
– Не може да трошите пари за некој да ве советува за нешто треба треба вие да го знаете. Во извештајот велите и дека имате мисија, вие немате мисија, мисија имала Мајка Тереза, вие имате обврска да го спроведете тоа за што сте обврзани со закон – рече Авировиќ.
Пратеничката од Социјалистичката партија и забележа на Јанева за нејзината изјава дека пратениците се нелегитимни.
– Вие велите дека ние сме нелегитимни, а ние сме ви го дале вашиот легитимитет, значи и ние сте нелегитимни – рече Авировиќ.