Според тврдења на унгарската полиција, јатаците од Брисел ја минале балканската мигрантска рута

ТРЕВОГА ВО ЕВРОПА ПО ТЕРОРОТ ВО БРИСЕЛ
Двајца помагачи на терористите што ги извршија вторничните напади во Брисел, ја минале балканската мигрантска криза.

Ваквите тврдења доаѓаат од унгарската полиција, според која, Мохамед Абрини и Наим Лахруи во септември минатата година пристигнале во Будимпешта заедно со бранот бегалци од Сирија, по што продолжиле кон западноевропските земји. Двајцата се родени во Белгија, но пред неколку години стануваат индоктринирани од џихадизмот, па заминуваат да се борат за ИСИС. Во македонското Министерство за внатрешни работи не добивме одговор дали двајцата минале низ нивната евиденција, односно дали биле регистрирани при влегувањето од Грција. Идентична ситуација имаше и по ланските напади во Париз, кога беше утврдено дека двајца од напаѓачите транзитирале и низ Балканот. Тие патуваа со лажни документи.
Во Македонија мерките за безбедност се подигнати уште по нападите во Париз и тие се’ уште се во сила. Зголемени мерки на безбедност има и во соседството, но тие се во сила уште од минатиот ноември, кога во француската метропола беа убиени над 150 луѓе. Во Македонија, тие ќе важат до јуни годинава, по што ќе се донесе одлука дали ќе бидат продолжени, или, пак, ќе се укинат. Подигнувањето на степенот на безбедност на највисоко ниво подразбира засилување на заштитата на државната граница, односно граничната контрола, поголема безбедност на штитените објекти, јавните собири и спортските и културните настани. Покрај тоа, се бара собирање и размена на информации, кои може да се доведат во врска со евентуални терористички активности, засилен надзор на железничкиот, авионскиот и товарниот сообраќај.

БЕЗБЕДНОСТ

Самоубиствените напади на аеродромот „Завентем” и на метро-станицата „Малбек”, во кој загинаа 31 лице, а 150 беа ранети, ја кренаа Европа на нозе. Голем број земји ги засилија мерките за безбедност. Лондонската полиција ја зголеми присутноста на сите жешки точки, со посебен акцент на јавниот превоз и транспортната мрежа. Германија засилено ја обезбедува границата со Белгија, како и аеродромите, автобуските и железничките станици. Франција ангажираше на улиците уште 1.600 полицајци, Холандија презема превентивни мерки на целата територија, Италија се концентрира на аеродромите, дури и скандинавските држави се на готовс.
Службите од регионот оперираат со неофицијална информација дека на Балканот се наоѓаат околу три илјади џихадисти, без притоа да се сметаат оние што веќе се наоѓаат на боиштата во Сирија и во Ирак. Според „Форин аферс”, џамиите се центрите каде што се одвива главната активност на Балканот. Како епицентар на џихадизмот се посочуваат џамијата на кралот Фахд и Културниот центар во Сараево, две џамии близу Приштина и Митровица, како и четири во Македонија. Тие активности се одвиваат под закрила на некакви НВО или хуманитарни организации, најчесто финансирани директно од донаторите на Ал каеда. Сите тие непречено се шират, па и продаваат литература и списанија со кои промовираат самоубиствени напади, џихад, убивање на немуслимани, шират нетолеранција, го глорифицираат насилството…
Професорот за безбедност Злате Димовски предупредува дека „тројките”, „петките” и „седумките”, односно групи што функционираат со толку луѓе, се најголемата опасност за европските земји. Станува збор за „замрзнати” терористички ќелии, луѓе што се меѓу нас, што не отскокнуваат со своето однесување, а кои всушност се обучени да извршат напади кога за тоа ќе добијат директива.
„Тие се обучени, подготвени да се активираат кога најмалку се очекува. Според начинот на работа, најпрво го снимаат теренот, ги набљудуваат лицата, градат логистичка поддршка и штом завршат со сите подготовки – го извршуваат нападот. Се формираат во помал број за да можат да бидат пофлексибилни, подинамични, многу лесно комуницираат меѓу себе. Комуникацијата им се одвива во шифри, користат псевдоними или прекари, па дури и ако се следени од службите, тешко можат да бидат препознаени”, заклучи Димовски во неодамнешната изјава за „Утрински весник”.
Според претседателот Ѓорге Иванов, во Македонија има 72 повратници од сириските боишта.

КАМИКАЗИ

„Повеќе од 90 камикази се подготвени да ги нападнат најголемите градови на Европската Унија”, стои во извештајот на француската полиција. Во документот се наведува дека терористите напредуваат во техниките на шифрирање и правење експлозивни направи за да ги остварат своите цели.
Стратегијата на џихадистите е прецизно шифрирање, ангажирање експерти за фалсификување документи и префрлување на стручњаците за склопување експлозив од Сирија во Европа.
„Бомбите што ги користат се лесни за правење. Експлозивот ТАТП може да се направи од материјал кој се користи во секојдневниот живот, како што е обелувач или ацетон. Слабата контрола на границите им дозволува на терористите слободно да се шетаат низ Европа без да предизвикаат сомневање, а на рака им оди и лошата комуникација на безбедносните служби на земјите од ЕУ”, се заклучува во извештајот.
Експертите за безбедност објаснуваат дека состојките потребни за експлозивот ТАТП може да се купат во сите подобро опремени фармацевтски продавници и аптеки, а постапката за подготвување е „едноставна како печење колачи”.
„Лесно се прави, тешко се забележува, а исклучително е нестабилен. Доволен е само лесен удар и ТАТП ќе експлодира со 80 проценти поголема сила од експлозивот ТНТ, поради што и меѓу терористите што го подготвуваат го доби прекарот ‘Мајка на сатаната Сатанина мајка'”, тврдат познавачите.
Според нив, терористите во меѓусебната комуникација користат најсовремени мобилни уреди, кои имаат вклучени безбедносни функции и автоматски ги бришат сите податоци од телефонот по 10 неуспешни лозинки за стартување.

Горан Адамовски

Останати вести