ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА (ОМД) :
По повод актуелната сериозна политичка криза која завзема загрижувачки размери во Република Македонија, каде сериозно е нарушено владеењето на правото, демократијата и безбедноста во државата, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) jавно ги повикува Претседателот, Владата, Опозицијата, сите потписници на т.н.
Пржински Договор, останатите политички партии кои се или не се застапени во Собранието, граѓанскиот сектор и здруженија, како и невладините организации, целосно да се заложат во насока на смирување на состојбата, се со цел зачувување на единството на државата, враќање на мирот и стабилноста.
Следејќи ја ситуацијата во последните 25 години проследена со бојкоти на една или друга страна на Собранието и институциите на Македонија, доминација на партискиот и личен интерес над националниот, како и недостатокот од солидна опозиција која е неопходна за иднината на Македонија, ОМД повикува да се престане со уличната демократија и сите прашања да се решаваат во склоп на Собранието и институциите на државата.
Во прилог на правото на протест кон истата и целосно разбирање на револтот кај граѓаните, ОМД најостро го осудува вандализмот на поединци кои се обидуваат да го делегитимираат оправданиот израз на незадоволство кај народот.
Во интерес на Македонскиот народ и другите етнички заедници кои живеат во и надвор од државата, ОМД ги повикува горенаведените субјекти да ги превземат следните чекори:
1. Ги повикува горенаведените субјекти да седнат на преговарачка маса и да ги дефинираат чекорите за надминување и излез од моменталниот политички конфликт во Македонија. Доколку за истата цел се назначат медиатори, ОМД повикува тие да бидат од неутрални земји кој не се вклучени во досегашната политичка криза, како на пример Канада.
2. Претседателот да ја поправи грешката што беше направена со неговата одлуката за аболиција на лица под истрага од ОЈО и СЈО.
3. Одложување на изборите закажани за 5ти Јуни доколку сите политички партии се согласат за тоа и се заложат за фер и коректни избори до крајот на годината.
4. Формирање на експертска влада од партиско независни експерти која ќе има единствено технички карактер, без право на одлучување и делување во однос на прашања од витален национелен интерес, меѓу кои се спорот со името и евро-атлантските интеграции. Воедно истата потребно е да има одговорност за јавено и транспарентно работење во насока на зачувување на интегритетот и стабилноста на државата се додека не би се постигнал компромис помеѓу владата, опозицијата и граѓанските движења, како и се додека не се постигне атмосфера за оддржување на фер и демократски избори.
5. Непречено дејствување на Специјалниот Јавен Обвинител. Привремена суспензија на политички ангажман и поднесување на одговорност од страна на сите политички субјекти од позицијата и опозицијата за кои има покренато или постои процес за покревање на обвинение, кон кои поистапки, ОМД инсистира на судска разрешница.
6. Јавна заложба на сите општествени субјекти за апстиненција од секаков говор на омраза и секакви други деструктивни активности.
Со техничка и експертска помош на меѓународната заедница, ОМД повикува во најбрз можен рок да се организираат следниве активности:
7. Итен попис на населението.
8. Активна пререгистрција за избирачкиот список на сите полнолетни граѓани со навршени 18 години живот со неодземена деловна способност и еднакво, општо и непосредно право на глас на слободни избори со тајно гласање во државата, како и поголем ангажман на Министерствата за внатрешни и надворешни работи, Амбасадите и Конзуларните претставништва во издвањето и/или обновувањето на идентификационите и патни документи (пасош) неопходни за исполнување на правото на глас на граѓанинот во и надвор од Македонија. Со цел да се реализира истото, ОМД порачува зголемен обрт на работни часа и отвореност на ДКП-еата за време на работната недела и викенд периодот, кога граѓаните се во можност да се ја исполнат својата одговорност и право на изборна регистрација.
9. Организирање на демократски избори најкасно до Април 2017 година. Притоа ОМД ги повикува медиумите за објективно, одговорно и непристрасно информирање на јавноста, ги повикува граѓанските здруженија и невладини организации на одговорно однесување и промовирање на активности кои можат да придонесат до позитивни промени во Македонското општество.
10. Промена на постоечките политички елити со нов бран на млади интелектуалци од државата и дијаспората.
ОМД повикува на формирање на Канцеларија за кадров персонален менаџмент во Македонија предводена од независни човекови ресурсии, која ќе овозможи независна селекција на јавни службеници и ќе го оневозможи влијанието на политичките партии во регулаторните и надзорните тела.
ОМД го повикува Македонскиот народ на единство и активна ангажираност во реализација на овие прашања и враќање на земјата на патот кон стабилизација и Евро-Атлантска интеграција.