По одлуката за одржување на вонреден партиски Конгрес на 23 декември, почна лицитирање со имињата на новиот партиски лидер.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница во понеделникот донел одлука за одржување вонреден партиски Конгрес што ќе се одржи на 23 декември, а на кој би се разгледала новата позиција на партијата (по парламентарните и особено локалните избори) и уште поважно – би се бирал нов лидер на местото на Никола Груевски. Следниот термин за конгрес инаку е во почетокот на 2019 година.
Веднаш по објавата за вонреден конгрес низ медиумите се отвори “обложувалница” за тоа кој ќе стане наследник на Груевски, кој речиси 15 години е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, од кои повеќе од десет години беше и премиер. Сите се согласни дека новиот партиски лидер ќе биде избран под силно влијание на Груевски, а некои одат до таму што прават паралела со примерот кога во јануари 2016 година премиер стана генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев, како послушник на Груевски. Други одат во трета крајност па сметаат дека лидерската позиција во партијата треба да ја преземе повторно Љубчо Георгиевски. Како и да е, сосема е јасно дека кој и да биде новиот “војвода над војводите” во почетокот ќе биде во сенката на Груевски. Дали ќе остане таму, останува времето да покаже.
Од досегашните лицитирања со имиња досега најчесто се зборуваше дека самиот Груевски за свој наследник го спрема актуелниот генсек на партијата, Христијан Мицковски. Како лице кое не е спомнато никаде во “бомбите” и прифатлив за странците. Тој што се вели “од никаде” беше поставен на оваа функција, откако претходно беше директор на ЕЛЕМ. Но, прашање е колку е прифатлив за самото членство на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во партијата е “преземен” од Либералната партија. Ова и не мора да биде негов хендикеп со оглед на тоа што и самиот Груевски во политиката влезе прво преку Демократската алтернатива.
Следни фаворити за лидерската фотеља во ВМРО-ДПМНЕ се: Влатко Ѓорчев, Антонијо Милошоски, Никола Тодоров и Илија Димовски. Последниов деновиве дури беше прогласен за најсериозен кандидат од страна на бугарската агенција БГНЕС.
Во одделни медиуми се спомнуваат и имињата и на Никола Попоски, Александар Николовски, па дури и на поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски.
Со самокандидирање, пак, се обидуваат преку медиумите да се наметнат и Јове Кекеновски и Филип Петровски. Неисвесна е улогата на таканаречените “реформатори” во ВМРО-ДПМНЕ кои најавуваат не само дека нивни кандидат ќе ја преземе партијата, туку и дека ако тоа не се случи дека ќе одржат паралелен конгрес на кој ќе испосменат од позиции се што “кликата на Груевски ќе намести”.
Анонимни извори од партијата велат дека смената на раководството е „договор со меѓународниот фактор” – Груевски некако да избегне затвор а Македонија да добие опозиција која ќе може да се надева на повторно освојување на власта. Со сегашното раководство тоа е невозможно. Останува да почекаме следните две недели да се спорведат процедурите и подговотвките за најавениот вонреден конгрес. Потоа работите че станат појасни и ќе може да се види во кој правец ќе се движи најмасовната политичка сила во земјата.
Дотогаш и понатаму неколку стотици членови на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ќе протестираат пред Кривичниот суд, Министерството за правда и Истражниот затвор, ќе блокираат крстосници во Скопје, барајќи ослободување на притворените лица за крвавите инциденти при упадот во Собранието на 27 април. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Општина Вевчани поднесоа колективна оставка во Советот, а советниците во Општина Ресен и Општина Охрид ги бојкотираат седниците.
Делегатите ќе одлучат за оставката на Груевски и за идните кандидати
Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека заеднички било одлучено на 23 декември да се одржи вонреден конгрес.
– Делегатите од редовниот конгрес од Куманово треба да бидат известени, бидејќи истите ќе бидат делегати и на вонредниот конгрес. Ќе се одлучува за оставката на претседателот Груевски и за кандидатите кои би аплицирале за позицијата, рече Милошоски и додаде дека очекува делегатите да одлучат кои ќе бидат луѓето кои ќе бидат кандидати за нов претседател на партијата.
Тој вели дека во партијата имаат став оти најважно е да се случи оставката и да се задржи кохезијата во партијата.