Лингвистот и доцент д-р Ана Кочева од софискиот Институт за бугарски јазик (при Бугарската академија на науките) преку интервју за националната телевизија БТВ ги прецизираше официјалните позиции на Бугарија за македонскиот јазик.
Кочева во емисија со наслов „Постои ли македонскиот јазик” кажа дека бугарската лингвистика деновиве извршила прецизирање на нивната позиција за македонскиот јазик.
“Овој наш став сега сигурно ќе изненади многумина и во Скопје. Досега дел и од бугарските лингвисти беа заведени од официјалната позиција на Скопје. Но, сега имаме заеднички прецизен став дека не постои посебен македонски јазик туку е тоа западно-бугарски дијалект. Кодификуваниот литературен македонски јазик, како што се нарекува, е просто деструктуирана форма на бугарскиот литературен јазик”, изјави Кочева.
Како доказ за овие тврдења Кочева се повика на ставот на писателот Венко Марковски, кој бил дел од првата јазична комисија на АСНОМ, која што”го измислила македонскиот јазик”.
Таа вели „слава богу” што во бугарско–македонскиот договор за добрососедство постои членот 8, алинеја 2, според која што научниците ќе треба да дебатираат за јазиците. За неа не е логично една земја да признава јазик на друга земја а на сите им е јасно дека македонскиот јазик е всушност фалсификуван бугарски јазик.
Според Кочева македонскиот јазик е „феномен” во Македонија а во Бугарија е „писмено регионална форма на бугарскиот јазик”. Таа тврди дека поради историските услови Бугарија е рекордер во обидите да кодифицира писмени регионални форми на бугарскиот јазик во странство, а “вардарската форма” е само една од шесте вакви јазични форми (имало 3 во Грција, една во Банат, една во советска Украина).
Според неа творец на македонизмот е Стојан Новаковиќ во 1882 година, теза која подоцна ја презеле Коминтерната и членовите на првата јазична комисија на АСНОМ. Кочева вели дека ги жали Блаже Коневски, Венко Марковски и другите членови на комисијата кои што имале невозможна мисија да создадат јазик кој не постои и затоа морало да се плагира бугарската граматика за да се фалсификува нов јазик.
Доцентот д-р Кочева го цитира Младен Србиновски (кој според неа е еден од најголемите научници во РМ!?) и според кого во Македонија постојата две форми на бугарскиот јазик: високата форма на јазикот односно катаревуса е книжевниот бугарски јазик додека книжевниот македонски бил – демотики.
Кочева порачува дека Македонија и Македонците не треба да се плашат за својот суверенитет ако во учебниците пишува дека македонскиот јазик има бугарска историја и дека е деструктуиран бугарски јазик. Таа дава примери на јазици кои се користат во две или повеќе држави како: грчкиот во Грција и Кипар, турскиот во Турција и Кипар, германскиот во Германија, Австрија и Швајцарија, францускиот во Франција и Белгија и таму нема опасност по националниот идентитет на нивните граѓани.