Анализата на досегашното спроведување на Охридскиот рамковен договор ќе биде дискутирана на конференција што ќе се одржи на почетокот од декември. Покрај направената анализа, ќе бидат дадени и одредени препораки со кои ДУИ ќе побара уставни и законски измени за статусот на Албанците.
Анализата и конференцијата ги прави Европскиот институт за мир, организација чиј претставник е поранешниот американски државен службеник Питер Фејт (познат во РМ по тоа што ја евакуираше УЧК од Арачиново во 2001), а плаќа Владата на РМ.
Документот кој “протече” во македонската јавност е во форма на анализа и препораки, но неговите носители го именуваат и како Нов рамковен договор. Потпишан е од страна на вицепремиерот Муса Џафери и Питер Фејт.
Со документот се предлага албанскиот јазик да стане официјален на целата територија на Република Македонија. На Албанците да им биде гарантирана комуникацијата со државните и општинските институции на мајчиниот јазик, независно дали се работи за општини каде нивниот број е над 20 проценти од вкупното население, или пак за општини каде тој број е помал или во незначителен број. Со уставни измени би требало да се избрише критериумот 20 проценти од населението на локално ниво, кој, според предлагачите, не само што на Албанците им создава чувство на навреда туку и дека еден ден би можеле да ги загубат правата доколку нивниот број во државата падне под 20 отсто.
Документот со бројните одредби практично ја издигнува албанската заедница над другите помали заедници, иако се бара ист третман за нив но тоа економски е неизводливо. За да можат сите институции да одговорат на комуникација различна од македонската, се препорачува основање на преведувачки центри во општините и основање на нова инспекцска служба за спроведување на Законот за јазиците. Воедно, ќе се стимулира образованието на поголем број преведувачи и ќе се водат кампањи кои ке објаснуваат дека повеќејазичноста е придобивка.
Анализата ќе им биде доставена на партиите, кои ќе бидат првиот филтер пред евентуалната одлука, најави минатата недела вицепремиерот Џафери.
Македонската јавност ваквите измени на Охридскиот договор претежно ги толкува како вовед во федерализација.
ЈАЗИЧНАТА ВОВЕД ВО ПОЛИТИЧКА ФЕДЕРАЛИЗАЦИЈА
Експертите коментираат дека воведувањето на двојазичност ќе резултира со градење на јазична федерација по примерот на Белгија, а интенцијата е да се промени уставното име на државата.
Според професорката Тања Каракамишева-Јовановска воведувањето на двојазичност ќе биде само основа на која понатаму ќе се бара федерализација на државата.
Јазичните импликации, според Каракамишева, можат да доведат до сериозни политички последици па дури и до редизајнирање на државата.