Годинешното оро на македонците во Грција беше фантастично

, во преполнетата сала “Родон”, наспроти инцидентот на македонско – грчката граница, истакна познатиот македонски активист Димитри Јоану

Како ја доживеавте и како ја коментирате оваа дискриминација што им е приредена на вашите активисти и поддржувачи?

Грција отсекогаш реагира како ној. Си ја пика главата во песокта и мисли дека никој не ја гледа. Мисли дека ако забрани влез во државата на одреден број луѓе, тогаш нема да се дознае низ светот дека во Грција има етнички Македонци кои си ги бараат нивните права и се обидуваат да си ја зачуваат нивната традиција, ора, песни и јазик. Истото се случи и овој пат, за годинешното оро на македонскиот весник во Грција, Нова Зора, кога властите им забранија влез на еден од истераните Македонци во време на граѓанската војна, на еден Македонец од Албанија и на пеачката на групата Љубојна од Република Македонија. Од минибус со 30 луѓе од Репуб­лика Македонија, сите со потекло од македонските села во Грција, забранија влез само на еден од нив и од групата со 10 членови, забранија влез само на пеачката… „селективна демократија”… Дали некој да жали или да се смее… Реакции на една земја од трет свет, реакции на власти кои се многу далеку од поимот демократија, гостопримство, толеранција… а многу блиску до поимот ксенофоби­ја, расизам, тортура…

Какви домашни, грчки, и меѓународни, европски, правни лекови ви стојат на располагање?

Според моето мислење, овој момент на располагање не ни стои никаков правен лек. Грција не само што воопшто не се обидува да ја подобри состојбата на малцинствата, туку и воопшто не се обидува да ги скрие и нејзините нечовечки политики. Кога едно општество е распаднато, тогаш најмалце внимание се дава на човековите права. Истото во овој момент се случува и во самата Европска Унија, која минува низ една голема криза и воопшто не ја интересираат однесувањата на земјите членки околу човековите права и слични прашања, а уште повеќе за Грција, за која гледаат некако да може таа да си ја среди економијата и не ја гибаат ич за прекршувања на човековите права… Секако Виножито реагираше преку соопштенија за јавноста и преку европската партија ЕФА за реакции во европскиот парламент, но не очекувам дека ќе има некаков резултат…не се случува таква работа за прв пат, туку често и постојано…

Би сакале да ни раскажете како ви помина одбележувањето на овој скромен но значаен јубилеј?

На 26 март 2016 година, во селото Нисије Воденско, сала Родон, се направи шестото годишно оро на Нова Зора и забележа многу голем успех. Секоја година бројот на посетителите се зголемува и така и оваа година дојдоа околу пеесетина луѓе повеќе од лани. Оваа манифестација се организира претежно за да се соберат сите активисти, сите кои немаат страв од грчката политика против нив, да се запознаат меѓу нив, да дојдат нови луѓе и да се сплотат, а истовремено да се забавуваат на македонски начин. Така стана и оваа година. Со музиката и песните на групата Музикорама од Леринско, со пеачката Марија Димкова од Пожарско и со групата Љубојна од Република Македонија (за жал без пеачката..се погрижи грчката власт за тоа) присутните од 8 навечер до 5.30 следното утро, поминаа една прекрасна вечер, на преполна голема сала, стари и млади, без инциденти, со изложување на книги и разни броеви на Нова Зора. Сите беа задоволни, а преку интернет, целиот свет можеше да види за ова оро, колку Грција и да се обидува да ги скрие македонските манифестации.

Игор Павловски

Останати вести