Што треба да знаете
Со исплатата JobKeeper на Австралиската влада, бизнисите кои ги исполнуваат условите, засегнати со економските последици на коронавирусот, ќе можат да добијат субвенција за плати за да продолжат да ги плаќаат нивните вработени.
Засегнатите работодавци ќе можат да бараат исплата од $1,500 на две недели по вработен кој ги исполнува условите, од 30 март 2020 до 27 септември 2020 година.
Исплатата JobKeeper обезбедува работодавците кои ги исполнуваат условите, да останат во врска со нивната работна сила и ќе им помогне на бизнисите брзо да ја обноват работата кога кризата ќе заврши.
Исплатата е дел од владиниот план да се ублажат економските последици на коронавирусот и да се помогне да се изгради мост кон закрепнување.
За да ја добијат исплатата JobKeeper, работодавците мора на интернет страницата на Австралиската даночна служба (Australian Taxation Office – ATO) www.ato.gov.au да ја пријават нивната намера да поднесат барање за исплатата.
Работодавците исто така мора да проценат дали имаат или ќе го имаат потребното намалување на прометот – за мнозинството мали бизниси тоа е намалување на приходот од 30 проценти или повеќе, почнувајќи од 1 март 2020 во период од најмалку еден месец.
Непрофитни организации, вклучувајќи ги добротворните организации, како и бизниси без вработени (self-employed individuals), кои ги исполнуваат критериумите во поглед на прометот и условите, исто така можат да поднесат барање за исплатата JobKeeper.
Како дел од овој процес, работодавците мораат да му дадат на АТО информации за вработените кои ги исполнуваат условите. Во тоа се вклучени информациите за бројот на вработените кои ги исполниле условите на 1 март 2020 година и за тие кои сега се вработени во бизнисот (вклучувајќи ги тие што биле отпуштени или повторно вработени).
Работодавците кои ги исполнуваат условите ќе ја добијат првата исплата на JobKeeper од првата недела на мај.
Ако сте вработен, вашиот работодавец ќе ве извести дали побарал JobKeeper за вас — мнозинството работници нема да треба да направат ништо.
Вработените со полно работно време (full time) и со скратено работно време (part time), вклучувајќи ги отпуштените вработени, имаат право на JobKeeper.
Кога вработен на дело (casual employee) на 1 март 2020 година бил вработен кај неговиот/нејзиниот работодавец на редовна и систематска основа најмалку претходните 12 месеци, тој или таа исто така има право на оваа исплата. Вработени кои ги исполнувале условите на 1 март 2020 се:
– австралиски државјани
– носители на постојана виза (permanent viza)
– носители на виза од специјална категорија (поткласа 444).
Ако имате право на исплатата, JobKeeper ќе субвенционира дел од вашиот приход – вашиот работодавец ќе биде должен да ве плаќа преку неговиот платен систем.
Вработените кои ги исполнуваат условите ќе примаат најмалку $1,500 на две недели, пред данок, од нивниот работодавец. Superannuation guarantee не треба да се плаќа на ниедна дополнителна исплата направена поради JobKeeper.
Ако вашиот приход е помал од $1,500 на две недели пред данок, вашиот работодавец мора да ви исплатува по најмалку $1,500 на две недели, пред данок.
Ако барањето да добивате JobKeeper биде одобрено, но вие сега добивате JobSeeker или друг додаток за поддршка на приходи, мора да ја известите службата Services Australia за вашата променета ситуација или, во спротивно, може да направите долг што ќе треба да го вратите.