Очигледно има некаква магија во музицирањето на фолкерот кој и после толку гостувања е еден од најбараните музичари меѓу нашите иселеници.
До големата австралиска турнеја на фолкерот Јордан Митев остана уште околу еден месец, а дел од најавените концерти веќе се распродадени. Гостувањето кај нашите иселеници преку Барата е осмо по ред за Јордан, на чии настапи, пак, секогаш врие како во кошница и не е прв пат концертите да му се распродадени предвреме.
„Навистина се радувам што повторно ќе одам во Австралија, затоа што оттаму секогаш се враќам со нови спомени и многу, многу позитивна енергија. Овој пат поразлично од се досега ќе биде тоа што наместо да настапувам со оркестри оттаму, со мене доаѓа комплетен оркестар од Македонија со кого го подготвуваме буквално целиот мој репертоар”, вели Митев, кој ќе има концерти буквално низ цела Австралија. Како што вели, ќе пее од Перт, каде што му е првиот настап, се до Бризбан, каде е закажан последниот концерт.
По враќањето од Австралија, фолкерот планира да влезе во студио и да го реализира најавениот студиски проект.
„Поради многуте настапи во текот на летниот период и бројните ангажмани пред турнејата најавениот нов албум, сепак, ќе остане да се реализира по враќањето од Австралија”, вели Митев, кој викендов гостуваше во соседна Бугарија, односно одржа концерт во градот Гоце Делчев.