Kолку долго вака се шверцувало? Полицијата заплени нелегална марихуана од лиценциран производител вредна скоро А$5 милиона!

Во две големи акции на МВР за сузбивање на шверц со дрога, на две различни локации во државата – во Струмица и во Ресен – запленети се 1 тон и 600 кг наркотична дрога марихуана во вредност од А$5.12 милиона. Првата акција е реализирана од страна на полициски службеници од СВР Струмица заедно со Единицата за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност во содејство со членови на Комисијата за оценување на исполнетост на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Притоа извршена е контрола во правно лице во Струмица, регистрирано за одгледување на канабис за медицински цели. Поради констатирани неправилности во работењето на правниот субјект, запленета е непријавена марихуана во вредност од околу 3 милиони евра, со вкупна тежина од над еден и пол тон. Или, попрецизно 1.559,27 килограми, од која 1.041,50 килограми сув цвет, 223,57 килограми сув лист и 294,30 килограми био маса, што е спротивно на член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Истовремено полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Ресен при СВР Битола, на патот Охрид – Ресен, кај с.Јанковец, извршија преглед на патничко возило „шкода октавија”, со струмички регистарски ознаки, управувано од К.М.(38) од с.Сачево, струмичко, во кое како сопатник се наоѓал М.Т.(48) од Струмица и претрес по наредба на Основен суд Ресен биле пронајдени три торби со марихуана во вкупна вредност од околу 200.000 евра и тежина од околу 50 килограми. Двете лица се лишени од слобода и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава до Основното јавно обвинителство Битола, поради постоење на основи на сомневање дека извршиле кривично дело член 215 од Кривичниот законик – нагласи Спасовски.

Ова е уште еден показател дека бескомпромисната борба со криминалот и сузбивањето на шверцот со наркотици продолжува со засилено темпо, објави министерот за полиција.

Но, згора на тоа ова е повеќе показател дека се точни предупредувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ оти лиценцирани производители на марихуана се всушност дел од нарко-пазарот. А зад некои од нив стои криминалното милје блиско до врвот на СДСМ.

Да потсетиме, во онаа голема акција за заплена на марихуана кај Прилеп, кога беа уапсени шест лица меѓу кои и командирот на прилепската полиција, беа запленети само 200 кг марихуана. Потоа во една вечер од овластен производител на марихуана беа украдени над 2 тона сув цвет (само околу 200 кг беа најдени во Арачиново).

Останати вести