Најголем проблем со одржувањето на ПИОМ е слабиот економски развој на државата. Но зголемувањето на “црната дупка” потекнува од популистичките политики на неоправдано зголемување на пензиите и на 50 илјади вработени (кај странските инвеститори и другите владини проекти) на кои им се пресметуваат давачките ама никој не ги уплаќа (поточно ги плаќа Буџетот)
Во Македонија моментно има околу 310 илјади пензионери. Според Државниот завод за статистика во земјата има 720 илјади вработени но само околу 560 илјади од нив плаќаат пензиско осигурување. Тоа му доаѓа дека за 1 пензионер во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) уплатуваат 1.8 вработени. Сепак, статистиката оваа пропорција ја сведува дури на 1.4 вработени за 1 пензионер!?
Од каде доаѓаат диспоропорциите?
Во 2016 година за исплата на пензиите ќе бидат потребни вкупно речиси 900 милиона евра (околу $ 1.3 милијарди). Дури половина од таа сума (околу 430 милиона евра или $ 622 милиона) се дотира директно од Буџетот, бидејќи ПИОМ не генерира толкава сума.
Сумата на дотации од Буџетот секоја година вртоглаво расте (во 2008 година од државниот буџет биле дотирани околу 150 милиона евра или $ 220 милиона).
Владата постојано се фали дека за последните 10 години просечната пензија во државата е удвоена – од 7,300 сега изнесува околу 13,500 денари месечно). За истите 10 години бројот на пензионери е зголемен од 280 илјади на сегашните 310 илјади.
– Проблемот со “дупката” во ПИОМ е во тоа што актуелната власт популистички се однесува кон пензионерите, сметајќи ги за огромно гласачко тело, вели поранешниот министер за финансии и актуелен универзитетски професор Никола Поповски.
Според него Владата “одлично спроведува погрешна политика”.
– Проблемот се продлабочува од година во година бидејќи власта ги зголемува пензиите без економска подлога. Во последните неколку години, бидејќи власта се однесува како да е во постојана изборна кампања, секоја година пензиите се зголемуваат за просечни 5%. Тоа во пари изнесува околу 32 милиона евра дополнително годишно оптоварување на ПИОМ без разлика што во државата немаме добар економски раст па дури имаме и дефлација. И тоа зголемување се правеше со еден потег на “великодушност” на премиерот кој овие пари ги црпи од Буџетот. По 32 милиона евра годишно – за 10 години тоа се 320 милиона евра. А ние досега имавме барем пет такви зголемувања на пензиите, вели професорот Поповски.
– Но покрај “копањето” на оваа “дупка”, во ПИОМ се создава уште една празнина. Имено, оваа власт одржува барем 50-60 илјади вработувања за кои се пресметуваат придонесите за здравство и пензиско осигурување ама тие пари никаде не се уплаќаат!? Преку поволностите кои се даваат за странските инвеститори и проектите “Македонија вработува”. Според ДЗС кај странските инвеститори моментно има околу 25 илјади вработени за кои државата ги има преземено придонесите. Странците, кои се ослободени од редица даноци и имаат разни субвенции, за вработените исплаќаат само нето плата. Придонесите на овие работници им се сметаат како платени, ама парите во фондовите за здравство и за пензиско се дотираат од Буџетот. Иста е ситуацијата со околу 15 илјади вработени во последните две години преку проектот “Македонија вработува”. Тука не треба да се заборават и бројните вработувања по договор за дело кои се прават во државните институции, особено во локалните самоуправи за кои исто така не се исплатуваат придонеси, заклучува професорот Никола Поповски.
Идните пензионери ќе имаат пониски пензии
Со оваа дијагноза се согласуваат речиси сите економисти во државата. На истото предупредуваат и од Светска банка и од ММФ – дека управувањето на пензискиот систем по овој пат води директно во провалија.
– Ова е недоржлив систем на подолг рок. Се гледа дека во државата пензиите успешно се исплаќаат само благодарение на постојаните задолжувања на државата кај домашните и странски кредитори. Воопшто, целата држава фукнционира само на кредити. А за да се вратат претходните постојано се земаат нови и нови. Ако продолжиме вака наскоро ќе се најдеме во ситуација на банкрот, вели поранешниот гувернер на НБМ, Петар Гошев.
Како што појаснуваат економистите, уште една “успешно спроведена погрешна политика” било намалувањето на процентот што од бруто-платата се уплатува за пензиско осигурување (од поранешните 23% на сегашните 18%). Со тоа е драстично намален и редовниот прилив на пари во ПИОМ.
– Со формирањето на вториот столб на пензиско осигурување околу 13% од придонесот за пензиско оди во него. другите 87% одат во првиот столб односно во ПИОМ. Но, граѓаните треба да знаат дека по 15 години, кога сегашните 50-годишници ќе дојдат до пензија, од ПИОМ ќе добиваат само 20% од пензијата додека остатокот ќе треба да им доаѓа од вториот или од третиот столб (кој е опционален). Така што идните пензионери ќе имаат реално пониски пензии и од сегашните. Не само номинално туку и според куповната моќ, вели професорот на Економскиот факултет во Скопје Игор Ивановски.