Кај една од галиите на Вардар најдено телото на двегодишното дете што се удави во Треска

Телото на двегодишното дете што во средата на 12 август паднало во водите на реката Треска кај село Грчец, една недела подоцна било пронајдено удавено кај една од галиите во водите на Вардар, во центарот на Скопје.

Телото на детето било забележано околу 13.30 часот, по што била повикана полицијата. Екипа од СВР Скопје извршила увид, а пожарникари го извадиле детето од Вардар. Доктор од Итната помош констатирал дека смртта настанала како последица од давење во реката.

По извршената обдукција мајката го препознала своето синче.
Детето исчезнало во близина на Прифатниот центар за бездомници – Чичино Село во Грчец. Мајката Ш.К(40) од Прилеп, која била згрижена во центарот, во моментот на несреќата не била со двегодишниот син.
Нејзиниот двегодишен син си играл со седумгодишната сестра покрај брегот на реката Треска. Во еден момент детето се лизнало и паднало во реката и се изгубило. Полициски тимови постојано трагаа по детенцето – рече Лиза Бендеска, портпарол во МВР.
Веднаш по несреќата, 7-годишната сестра отишла кај мајка си и плачејќи кажала дека братчето паднало во реката. Во тој момент мајката Ш.К., која имала три деца, била во бараката и го хранела најмалото бебе.

Останати вести