Советите за убавина, здравје и исхрана се многу корисни за сите оние кои се грижат за сопственото здравје и за нега на телото, но дали знаете како да си го одморите мозокот квалитетно? Исто како и телото, подеднакво е важно и добро да си го одморите мозокот по работниот ден.
Наспијте се:
Ова многупати го имате слушнато, но за да го издржите осумчасовното работно време потребен ви е квалитетен смирен сон од најмалку 6 до 8 часа за да си го одморите мозокот, нервниот систем и телото. Најдобро е да спиете навечер, бидејќи така ќе го зачувате биоритамот на организмот и се препорачува во кревет да бидете најдоцна до 23 часот, без вклучен телевизор и телефон во спалната соба, а може пред спиење да прочитате неколку страници интересна книга. Се препорачува да спиете во темница без дополнително осветлување. За добар сон вечерајте до 18 часот и немојте да јадете слатка храна или да пиете газирани пијалаци и напивки со кофеин бидејќи тоа го нарушува сонот.
Прошетајте:
Барем еднаш дневно одете до продавница или до пријателите на муабет. Ако имате велосипед, по завршувањето на работното време не користете го автомобилот или јавниот превоз бидејќи така ќе се раздвижите после осум часови седење на работното место. Додека шетате вашите мозочни клетки се размножуваат, а со тоа ви се подобрува и расположението. Ако имате можност одете на базен да попливате или во теретана на лесна сесија вежбање.
Поминете време во природа:
Дали се сеќавате кога последен пат по завршување на работното време сте биле во природа, во парк или во блиската шума. Сега е идеално време тоа да го направите. Докажано е дека повеќе и подобро се памти кога се движите во природа отколку кога времето го поминуваме во затворен простор. Престојот во природа го зголемува расположението бидејќи се зголемува количината на витаминот Д во организмот кој многу му е потребен на телото и е од суштинско значење за менталното и физичкото здравје.
Бидете креативни:
Излезете од секојдневната рутина и направете нешто различно. Наједноставно е да го промените жанрот на литературата што ја сакате и да прочитате нешто друго или пак потрудете се да експериментирате во кујната и подгответе некое јадење без рецепт, измешајте зеленчук и овошје и згответе нешто оригинално и егзотично.
Земете пауза:
Обидете се да направите неколку куси паузи на ден кога за момент ќе заборавите на работата и обврските, за да се одморите. Така полесно ќе го издржите напорот на работниот ден и ќе му дадете потребна енергија на мозокот.
Следете го вашиот биоритам:
На вашиот компјутер му е сеедно дали е четири часот наутро или попладне, но вашиот мозок е свесен за времето. Најдобро се паметат информациите наутро, а вечерта е најдобра за забава и дружење со пријателите и со семејството. Затоа обидете се вашите обврски да ги усогласите со природниот биоритам на сопствениот организам.
Зголемете си го вниманието:
Колку повеќе го оптоварувате мозокот кој пак е приспособен да прави една по една работа, ќе бидете под поголем стрес. За да не почнете да грешите, застанете, направите пауза и одморете се.