Aвстралија, Нов Зеланд и Тајван важат за позитивни примери на борбата против коронавирусот. Дневните бројки тука се многу мали, а повремените ширења на вирусот брзо се потиснуваат. Сепак, постои нешто во што двете нации моментално заостануваат зад остатокот на светот.
Австралија и Нов Зеланд, ќе почнат со вакцинирањето против ковид-19 дури на крајот на февруари или подоцна. Одложувањето е свесно. Милиони луѓе кои веќе се вакцинирани низ светот ќе обезбедат вредни податоци, пред да се почне со имунизацијата на населението тука. Австралискиот министер за здравство Грег Хант кажа дека Австралија не е под притисок веднаш да почне со вакцинирањето. За разлика од САД и Велика Британија, каде што дневно има илјадници нови случаи на зараза, во повеќето австралиски сојузни држави и територии нема локално пренесување на вирусот со месеци, а во Нов Зеланд последен ваков случај е регистриран на 18 ноември.
„Австралија и Нов Зеланд велат: зошто да ги ставаме луѓето во ризик, кога можеме да почекаме уште малку и да добиеме повеќе информации. Ако вакцината е добра за Европејците, не значи дека исто ќе делува и врз нашето домородно население”, вели Џенифер Мартин, лекар и советник во „Фармак”, единствениот снабдувач со лекови во Нов Зеланд.
Австралија нарача доволно дози да го вакцинира целото население од 25 милиони луѓе, но го одложи масовното вакцинирање со цел да собере доволно податоци за споредните ефекти.
Вакцинацијата ќе започне во средината на февруари
Вакцинацијата против коронавирусот во Австралија ќе започне во средината на февруари, а се планира 15 проценти од населението да ја прими до крајот на март.
Владата тврди дека нема причина итно да се одобри вакцината надвор од вообичаениот регулаторен процес како што тоа го сторија САД и некои други држави, бидејќи локалните стапки на пренесување во Австралија се многу пониски. Вакцинацијата првично требаше да започне во март, но премиерот Скот Морисон изјави дека очекува вакцината на „Фајзер” да биде испорачана две недели откако беше одобрена од австралискиот регулатор на крајот на јануари. Тој рече дека сè оди „многу побрзо од вообичаено”.
Морисон изјави дека целта е да се вакцинираат околу 80.000 луѓе неделно и дека до крајот на март четири од 25 милиони Австралијци ќе примат вакцина.