Каква е иднината на Специјалното обвинителство со избори на 5 јуни?

Специјалното јавно обвинителство е соочено со неколку сценарија доколку изборите се одржат на 5 јуни – можноста да биде укинато по иницијативата за оценување на уставноста, да продолжи да ги работи објавените случаи со сите опструкции или да поведе нови кривични пријави врзани со скандалот со прислушување.

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Специјалното обвинителство, но засега ниту тој ја повлекува ниту пак Уставниот суд ги разгледува.
– Пред Уставниот суд се четири иницијативи за поништување на Законот за специјално обвинителство, за поништување на измените во Законот за Влада и за поништување на некои одредби од Законот за заштита на приватноста и Изборниот законик – сите донесени врз основа на Договорот од Пржино. Иницијативите ги поднесовме за Уставниот суд и бараме судот да го стори тоа веднаш, вели Тодор Петров за порталот “Нова”.
Ваквата состојба би можела да трае со години, а би можела да се реши уште на следната седница, бидејќи судот нема законски рокови до кога може поднесените иницијативи да се разгледаат. Се зависи од судијата известител кој работи на предметот и кога тој би предложил иницијативата да се стави на дневен ред на Уставниот суд.
Според поранешниот државен јавен обвинител Јован Трпеноски, судбината на ова обвинителство ќе зависи од нивната работа. Тој смета дека колку повеќе СЈО го стега обрачот околу осомничените, толку поверојатно е да се притисне за негово укинување.
– Се знае дека иницијативата до Уставниот суд е поднесена со цел да се елиминира Специјалното обвинителство, бидејќи факт е дека колку повеќе напредува со истрагите, толку поголем е стравот кај оние кои смета дека си ја знаат вината. Би било преголем залог на Уставниот суд да го прогласи за неуставно Специјалното обвинителство, бидејќи тоа е резултат на Договор на четирите најголеми политички партии. Јас верувам дека со оваа иницијатива Уставниот суд ќе оди повнимателно и дека конечно ќе проработи разумот и објективноста кај мнозинството судии, вели Трпеноски.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца – Николовска оценува дека опструкции врз СЈО и понатаму ќе продолжат, но според неа, влева надеж тоа што Обвинителството има силна поддршка од меѓународната заедница.
– Се е возможно со ваков состав на Уставниот суд. Очекувам и натаму опструкции, тоа е некаква тенденција врз СЈО, но обвинителите се свесни и знаат која е нивната позиција, но и до кога е нивната работа, така да би повикала реперкусиите да престанат, вели Николовска.
Минатата недела ниту опозицискиот лидер Зоран Заев, ниту претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не сакаа да дадат конкретен одговор дали Договорот од Пржино е мртов, иако двете страни имаат спротивставени ставови околу датумот на изборите. Специјалното обвинителство е дел од тој Договор.
Од СЈО, без оглед на се, велат дека продолжуваат со нивната работа како и досега и не би ги коментирале иницијативите за нивно укинување.
Досега оттаму обелоденија три истраги, и тоа предметот „Титаник” – поврзан со изборните нерегуларности, случајот „Тортура” за нечовечко апсење на Љубе Бошковски од страна на алфите, како и предметот наречен „Тврдина” за незаконско уништување на опрема за прислушување во вредност од 10 милиони евра.
Во досегашните предистражни постапки на СЈО осомничени се низа сегашни и екс – функционери од владејачката партија.

Останати вести