Камбовски,Поповски и Ружин: Договорот за името не задира во националниот идентитет, подобар не можеше да биде

Договорот од Преспа е оптимално решение што Македонија можеше да го постигне за решение на спорот за името, изјави академик Владо Камбовски на средба со новинарите на која до него седеа и академик Владо Поповски и професор Нано Ружин.

Тројцата го промовираа ставот на Центарот за стратегиски истражувања (што не мора да биде став и на МАНУ).
Камбовски наведе дека од научна гледна точка Договорот е сосема прифатлив и дека не можат да му се најдат некои пречки.
– Ова е оптимално решение. Нека никој не се надева или да мисли поинаку, рече Камбовски.
Тој посочи дека постигнатиот консензус околу името Северна Македонија е компромис меѓу стравувањата и надежите на двете страни. Тој рече дека задржано е името „Македонија” на државата, со што не се загрозува идентитетот на македонскиот народ кој живее на нејзината територија, но дека е додадена географска одредница со која таа се разликува од северниот регион на Грција. Според Камбовски, Договорот не задира во прашањата на националниот идентитет, а одредувањето на државјанството на „граѓаните на Република Северна Македонија” кое ќе биде заведено во сите патни документи како „македонско” е исправна формулација.
Камбовски исто така додаде дека огромен придонес на Договорот во процесот на евроатлантските интеграции на земјата под новото уставно име е што го антиципира регистрирањето на македонскиот јазик како еден од службените јазици на ЕУ. Според него Договорите со Бугарија и Грција се добар пример и основ за склучување на слични договори со останатите соседи.
На иста и линија е и академик Владо Поповски (кој инаку е советник во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ). Тој рече дека владата на Зоран Заев покажала голема храброст со преземањето на ваков чекор.
Само оваа Влада се осмели да исчекори, посочува академикот, потенцирајќи дека дека тоа е максимум што Република Македонија во овој момент може да добие, а дополнително да си го отвори патот кон ЕУ и НАТО.
– Се согласувам со коректноста на толкувањето на академикот Владо Камбовски за карактерот на овој Договор. Единствено може да се постават некои прашања: што би било ако странките не ја исполнат секој својата обврска? Што ако не се исполни рокот, што ако се случи во јануари или февруари 2019. Дали е ова преклузивен рок? Тоа значи ако не се исполни до тој рок тогаш нема обврски ни на едната ни на другата страна. Во тој случај нема договор, а остануваат оние правни акти што претходно постоеле резолуциите на ОН, привремената спогодба итн – вели Поповски.
Потенцира дека во таа смисла Македонија нема да падне во вакуум во однос на правните акти туку влегува во една неизвесност во политичка смисла на зборот.
Во хиерархијата на интересите Македонија на прво место мора да ги стави НАТО и ЕУ, смета академикот, за да не останеме во една неизвесност која што многу реално ја доведува во прашање одржливоста на Република Македонија и мирот, којшто е фактор не само за нас туку и за регионот и за европскиот мир. Овој приоритет треба што помасовно да се почитува и да се прифати Договорот од Преспа.
– Агрегатот на национална политика во Грција е толку високонапонски што не можело да се постигне подобар Договор. Флоскулата дека некој друг би склучил подобар договор е илузија, особено кога нема предлог и на кој начин тој би можел да постигне, смета Поповски.
Според универзитетскиот професор Нано Ружин, пак, со Договорот со Грција се затвора прашањето за името, а евентуалниот неуспешен референдум ќе ја отвори како што вели Пандорината кутија на Западен Балкан.
– Неприфаќањето на Договорот ја отвара Пандорината кутија на Западен Балкан, и тука има многу големи консеквенци, ќе се работи на политичка одговорност на тие што се против, рече Ружин.

Останати вести