Австралија и Папуа Нова Гвинеја го затвораат кампот на ужасот

Австралија и Папуа Нова Гвинеја се согласија да го затворат контроверзниот камп за сместување мигранти на островот Манус, што е финасиран од Австралија, иако сè уште не е решена судбината на повеќе од 800 мигранти кои живеат во него.

Според австралискиот закон, секој оној што ќе биде фатен во обид со чамец да стигне до континентов, автоматски се испраќа во камповите на островит Манус или Науру, додека нивните молби за азил не ја минат потребната процедура.
Овие мигранти никогаш не добиваат право да се преселат во Австралија.
Некои азиланти во овој логор живеат со години, а австралиските власти се изложени на критики од Обединетите нации и групите за заштита на човековите права поради бројните извештаи за лоши услови, малтретирања и самоповредувања, во кои се вклучени и деца.
Властите на Папуа Нова Гвинеја не се задоволни од идејата стотиците мигранти да се вратат во нивната земја, а имаше и вести за напади на локалното население врз азилантите.
„Папуа Нова Гвинеја и Австралија се согласни кампот да биде затворен. Важно е да не се брза со процесот на иселување”, се наведува во соопштението на премиерот на Папуа Нова Гвинеја во кое не се прецизира датумот на затворање на кампот.

Останати вести