Со затворањето на австралискиот камп на барателите на азил во Папуа Нова Гвинеја се стравува од опсада

Стотици баратели на азил одбиваат да го напуштат австралискиот казнено-поправен камп во Папуа Нова Гвинеја што властите го затворија во вторникот, стравувајќи за нивната безбедност, и покрај тоа што веќе се прекинати дотокот на храна, вода и електрична енергија, пренесе АФП.

Персоналот го напушти кампот на островот Манус, а еден жител рече дека притворениците самите се заклучиле внатре, бидејќи се преплашени од она што може да им се случи надвор од портите.
Ова е последен развој на долготрајниот и жесток спор околу контроверзната политика на Австралија за притвор оддалечен од копното.
Барателите на азил кои се обидуваат да стигнат до земјата со брод се испратени до два оддалечени центри за процесирање на Пацификот – островот Манус на ПНГ и Науру.
Им се забранува да се населат во Австралија, дури и ако на крајот се утврди дека имаат легитимен случај за азил.
Канбера вели дека политиката е дизајнирана да ги обесхрабри луѓето да тргнат на ризичното патување преку море.
Групите за човекови права со години се залагаат да го затворат Манус, поради извештаите за широко распространета злоупотреба, самоповредување и проблеми со менталното здравје.
Австралиската влада се согласи да го затвори објектот Манус до крајот на октомври, откако минатата година Врховниот суд на ПНГ одлучи дека е неуставно да се држат таму луѓето.
На повеќе од 600 мажи сместени во кампот им било кажано да се преселат во други три центри за транзиција на Манус. Сегашниот камп треба да им биде предаден на војската на ПНГ.
Но, многу луѓе се заклучија во центарот.
„Бегалците се категорични дека нема да го напуштат притворот. Се плашат, но одбиваат да заминат”, на твитер објави еден притвореник од Манус, Иранецот Бероуз Бучани.
„Струјата ќе биде исклучена по 17 часот. Бегалците знаат дека ќе им биде многу тешко да останат, но велат ќе останеме на мирен начин”.
Тој додаде дека притворениците ја заклучиле главната порта на кампот за да се заштитат себе си.

Останати вести