Во делегацијата ќе бидат и Никола Груевски и Зоран Заев. Ахмети оди “на свој трошок” бидејќи не го признава претседателот Иванов а Тачи уште не ја прифатил поканата да се придружи на државната делегација.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на 4 септември во Рим ќе ја предводи македонската државно-црковна делегација која ќе присуствува на свечениот чин на прогласувањето на Мајка Тереза за светица на Католичката црква од страна на Папата Франциск.
Кабинетот на Претседателот информира дека на свеченоста ќе присуствуваат министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за култура, Елизабета Канческа Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на фамилијата на Мајка Тереза.
Претседателот Иванов ги покани и лидерите на четирите најголеми политички партии: ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА да присуствуваат на овој историски чин за нашата држава. Своето присуство на манифестацијата во Рим го потврдија Никола Груевски и Зоран Заев.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе оди во Рим ама не во делегацијата предводена од претседателот, туку на церемонијата на прогласување на Мајка Тереза за светица ќе присуствува на покана од Ватикан. Ахмети на сопствен, а не на трошок на Kабинетот на претседателот Иванов, кого не го признава, ќе престојува на свеченоста во Рим. Мендух Тачи, пак, до последен момент не се изјасни како ќе оди во Рим.
Претседателот Иванов во писмото упатено до лидерите на четирите најголеми македонски партии истакнува дека канонизацијата на Мајка Тереза е настан што сите нас треба да нe издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во нашиот политички противник.
“Како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така мора одново да научиме да живееме и со нашите идеолошки и политички разлики и меѓусебно да се почитуваме. Сметам дека ова е одлична можност за барем еден миг да ги оставиме разликите зад нас и пред меѓународната јавност, но, уште поважно, пред македонските граѓани да покажеме единство”, стои во писмото од претседателот Иванов до лидерите на четирите партии.
Претседателот Иванов во писмото, како што наведуваат од Кабинетот, истакнува уште дека канонизацијата на Мајка Тереза “е чин што ќе го обедини светот и крајно време е да нe обедини и нас”.
На канонизацијата на Мајка Тереза се очекува присуство на многубројни верници и високи гости од целиот свет. Како земји на нејзиното потекло, раѓање и мисија, Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост.
Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква.
Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за светица беше одржана на плоштадот Свети Петар во Рим во 2003 година, на која присуствуваа над 300 илјади верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, додека на церемонијата присуствуваше и многубројна македонска делегација, предводена од претседателот Борис Трајковски.