Викторија потврди рекорден број смртни случаи и зголемен број заразени од коронавирус поради што многумина изразија страв дека карантинот во Мелбурн не функционира.
Во Викторија во четврток од коронавирус починаа 13 луѓе, а дополнително се заразиле 723, што е скок од 36 проценти во однос на рекордниот број нови случаи што беше забележан во понеделникот. Станува збор за жени во 90-те, 80-те и 70-те години, како и мажи во 50-те, 70-те и 80-те години од животот. Девет од 13 смртни случаи се поврзани со жаришта на пандемијата во домови за стари лица.
Премиерот на Викторија Даниел Ендрус вели дека 275 луѓе се во болници, од кои 44 се на интензивна нега.
„Како сега стојат работите, моменталниот премногу голем број лица со симптоми одат на работа. Направете нешто на што сите ќе ви бидеме благодарни. Не одете на своите вообичаени работи, не одете на работа ако имате симптоми, туку на тестирање” – вели Ендрус.
Во писмото со кое им се обраќа на вработените и семејствата, средното училиште Lalor потврди дека еден ученик во кампусот St. David е заразен во училиштето.
„Училиштето ќе биде затворено за сите ученици, вработени и членови на заедницата. Затворањето на училиштето ќе им даде доволно време на здравствената служба DHHS, но и на училиштето, да спроведат проценка на ризикот. Затворањето на училиштето исто така ќе биде можност за негово темелно чистење, според препораките на DHHD” – вели директорот Corey Lewell. Настава преку интернет ќе се спроведува за матурантите кои претходно оделе во училиштето.
Уште еден работник се заразил со коронавирусот во трговскиот центар Costco Epping. Компанијата Costco изјави дека директно ќе комуницира со вработените за кои се знае дека биле во близок контакт со заразениот колега. Првиот вработен во компанијата Epping Costco бил позитивен на вирусот на 11 мај. Сега многумина стравуваат дека владата ќе мора да го продолжи карантинот во Мелбурн, кој почна на 7 јули, а треба да трае шест недели. Во Австралија досега оздравеле 9,980 луѓе, се проценува дека има 5,986 активни случаи, а во изминативе шест месеци починале 196 од Ковид-19.