Полицијата ги истражува сите можности за исчезнатата Карен Ристевски

Полицијата ги истражува сите можности во надеж дека ќе успее да влезе во трага на сомнителното исчезнување на мелбурншката сопруга и мајка Карен Ристевски.

Фамилијата е очајна да дознае каде е Карен Ристевски (47), која излегла на 29 јуни од нејзиниот дом на Oakley Drive, во населбата Avondale Heights околу 10:00 часот наутро.
Од претходните информации знаеме дека последен имал контакт со неа нејзиниот сопруг Борче, со кого се карала пред тоа околу финансиите во врска со нивниот фамилијарен бизнис и излегла за да се смири.
Нејзиниот мобилен телефон е исклучен и оттогаш не ги користела нејзините банкарски картички.
Карен Ристевски заминала од домот пеш и не е забележана од безбедносните камери што ги има во близина, и никој не ја видел дека пешачи во околината. Полицијата е загрижена за нејзиното исчезнување и се плаши дека е убиена. Минатава седмица се вршеше детално пребарување на околината и на реката Марибинонг, која се наоѓа веднаш зад нивниот дом. Стандардна полициска метода е да се истражуваат последните контакти на изчезнатата личност и секогаш се започнува со најблиските членови а потоа истрагата се шири.
За време на обраќањето на фамилијата пред медумите, минатиот четврток, новинарот на ТВ каналот 7 директно го прозва Борче дали ја убил својата сопруга. Тој не одговори на прашањето. Патрициа, тетката на Карен, изјави: “Ова не е прикладно во моментов… тука сме заради Карен. Ова не е за нешто друго, тука сме за да се најде Карен”.
Фамилијата Ристевски се со надеж дека некој нешто слушнал или видел со што би се нашла трага за исчезнатата Карен.
Карен е опишана како 160cm висока, слабо градена, кафеава коса до рамена. Последен пат била видена облечена во црна јакна и фармерки.
Секој што има информации за исчезнувањето на Карен може да се јави во полициската станица во Avondale Heights на телефон (03) 9337 6777.

Останати вести