Катица Јанева: Точно е, се пријавуваат лица за заштитени сведоци!

„Евентуалната одлука на Апелацискиот суд дека снимките не можат да бидат користени како доказен материјал, нема да влијае на мојата работа. Јас можам да постапувам по допрен глас и секој збор во тие ‘бомби’ ќе биде предмет на анализа”, вели специјалната обвинителка Катица Јанева. 

Седиме на локација по неј­­зин избор. Дојдена е со обезбедување, кое јас не го забележувам. „Во близина е”, вели специјалната обвинителка Катица Јанева со интригантна насмевка.
Првиот впечаток е дека спроти мене седи непосредна и пријатна личност и дека уште на почетокот во нејзиниот речник доминира еден збор – „тим”. Тој е присутен во секоја реченица: и кога зборува за плановите, и кога се надева дека тој ќе биде избран во копмплетен состав, и кога објаснува според кои критериуми го избрала.
Не ја колебаат забелешките во јавноста за предложената обвинителка Лиле Стефанова.
„Ја познавам многу одамна, од стручни обуки. Во Радовиш не беше екипирано обвинителството и тогаш таа сама на себе беше и шеф, и записничар, и дактилограф. Јас во тоа време бев шеф на обвинителството во Гевгелија. И моите услови не беа задоволителни, но сепак беа подобри од нејзините. Отсекогаш ми се допаѓала нејзината професионалност и искуство, и како основен обвинител, и во Обвинителството за организиран криминал. Следејќи ја нејзината работа, сметав дека има доволно искуство кое ќе ни помогне во обемната задача што стои пред нас.”
Ја продолжува битката за сите обвинители кои не го поминаа филтерот на Советот.
„Советот само требаше да утврди дека се работи за јавни обвинители и да го потврди тимот, а не да одбира кој ќе влезе во него. Во законот пишува дека тимот го одбира специјалниот обвинител, Советот го потврдува, а на Владата ѝ ги доставувам моите планови на запознавање и спроведување.”
Не сум се сретнала со Мијалков
Веќе еден месец работи во привремени канцеларии во Министерството за правда и му е благодарна на министерот што ѝ овозможил непречено да ја извршува функцијата.
„Со стратегискиот план е предвидено секој обвинител да си го избира својот тим – двајца стручни соработници и двајца истражители. Истото важи и за мене. Веќе имам една соработничка од Министерството за правда. Атанас Гинев од Кавадарци ќе биде главен истражител и тој ќе си го избере својот заменик. Од МВР ќе барам да потпишеме меморандум за соработка, за да може да биде преземен од таму.”
По 2 ноември, ќе побара јавните обвинителства да ѝ достават статистички податоци за тоа кои предмети се во работа, во која фаза се и за тоа да ја известат во рок од 8 дена.
„Потоа ќе ја одредам динамиката на преземање на предметите кои се во работа. Се надевам дека дотогаш со основни услови ќе се опреми седиштето на обвинителство, во зградата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и ќе почнеме со прием на предмети и од страна на други подносители на кривични пријави. Го велам ова, затоа што во мојата канцеларија доаѓаат многу луѓе и поднесуваат пријави, на кои ние треба да им дадеме правен тек.”
Некои од нив се поврзани со законскиот делокруг на работа, некои не, но вели дека нема да одбие да ги прими, а потоа ќе ги препрати во соодветните институции кои треба да постапуваат по нив. Потврдува дека се точни информациите оти одредени лица се подготвени да бидат соработници на правдата, т.н. заштитени сведоци, за со­држините што произлегуваат од следењето на комуникациите.
„Да, точно е, но во овој момент не можам да зборувам за тоа, бидејќи прво треба да ги примиме сите пријави, предмети, да видиме во која фаза се, и кои сè лица би соработувале со правдата.”
Од нејзиниот избор до денес, тврди дека немала никакви притисоци, интервенции, „пријателски поздрави” или „случајни средби”, како наводната со Сашо Мијалков, за која пишуваа медиумите.
„Ноќното излегување не е типично за мене. Кој ме познава ќе го потврди тоа. Можете да ме најде во 5 часот наутро како работам или да ме сретнете да пешачам, но никогаш нема да ме видите по полноќ во угостителски објекти. Не го познавам Мијалков и не е точно дека сум се сретнала со него.”
Финансискиот план е реален
Над нејзината функција и институција сега како Дамоклов меч виси можната одлука на Уставниот суд за времена мерка за забрана за работа или за поништување на законот.
„Јас ќе ја почитувам одлуката на Уставниот суд. Ќе ги почитувам и одлуките на судовите за сите обвиненијата што ќе ги доставам до нив. И се надевам дека секој ќе одговара за својата работа и за своите постапки. Исто како што јас сум подговена да одговарам за моите.”
Одбива да ја коментира изјавата на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, дека специјалното обвинителство е паралелна и политичка институција.
„Нема да ја коментирам ниту оваа, ниту која било изјава на господинот Марко Зврлевски, ниту да кажам лош збор против него. Го почитувам законот врз чија основа сум избрана. Работата е мојата единствена цел и предизвик.”
Во ненадејното акту­ели­зи­рање на проблемот со недостиг на обвинителски кадар и неисплаќањето на надоместоци, не гледа „фронт” насочен кон неа и институцијата.
„Ги поддржувам моите колеги во борбата да ги остварат своите цели. Можеби дошол денот да се каже дека во обвинителството има проблеми. За тоа подолго време бевме свесни, но, ете, сега се искористил моментот. Не го доживувам тоа како атак врз мене.”
Но, не се согласува со обви­нувањата дека предложила мегаломански буџет. За изработка на финансискиот план имала помош од колегите во регионот, врз основа на нивните искуства.
„Тие напади беа без основа. Ова е реална финансиска проекција. Ако Владата не го усвои финансискиот план, јас нема да можам да работам. Спротивно на законот е ако одлучи да ги намали средствата. Не е точно дека еден милион евра ќе земат обвинителите. Колку за илустрација, 100.000 евра чини само закупот на седиштето за една година. Најголемата ставка е за ангажирање експерти и за вештачења. Има ставка и за обука и едукација. Ако некој од мојот тим треба да замине на конференција во странство, зарем треба да молиме некого за парични средства? Каква е таа автономија ако некој друг треба да ни плаќа авионски билет? Ќе распишеме тенедер за набавка на опрема, исто така и за курирска служба. Ова е повеќе акциски план отколку финансиски. Во преговори сме со некои институции кои се занимават со разни аспекти за безбедносна заштита. За безбедноста ќе биде вклучена и шестата управа на МВР. Планираните 30 лица за обезбедување ќе бидат преземени од таму. Можеби ќе бидат 20, а можеби и 50. Проекцијата е според искуствен просек, а ќе се движи во зависност од потребите. Заштитните мерки се тајна, за која ќе знам јас и неколку луѓе.”
Навистина сама се предложив
За тајна се сметаше и податокот чиј предлог за обвинител беше Катица Јанева – на гарантите на Договорот од 2 јуни или на некоја партија? Речиси никој не верува во приказната дека сама се предложила за функцијата, но таа категорично го тврди тоа.
„Изгледа неверојатно, знам дека не веруваат, но вистината е таа: сама се предложив! Активно ги следев преговорите во Пржино, во чии рамки беше предвидено формирање на специјално обвинителство. Децата беа на одмор, кога се вратија ги консултирав за идејата да се самопредложам. Барав да го погледнат си-вито што го подготвив. Го испратив преку познајници, кои можеа да го достават до лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Добив одговор дека го доставиле. И толку. Молк. Сè до понеделникот навечер (14 септември), кога околу 20 часот ми се јави непознато лице од непознат број и ми рече дека сум влезена во најтесен избор за функцијата, со барање ако сум во Гевгелија, да дојдам вечерта во Скопје. Дојдов и бев будна до 5 часот. Во 8 часот ме разбуди колешка со СМС-честитка за изборот, кој веќе бил објавен во медиумите. Јас во исто време со целата јавност ја примив веста за мојот избор. Тоа е вистината.”
Сега кога таа епизода е завршена, посветена е на следите фази – обука за големи антикорупциски случаи. ОБСЕ, амбасадите на САД и ЕУ испратиле предлози за експертска помош во овие области. Идната недела треба да реши каков вид експерти би повикале за да пружат соодветна помош.
Досега ги слушнала сите „бомби”. Но, во целиот овој интензивен период, дел од впечатоците избледеле.
„Сама ги трасирам сите работи. Не ми е лесно. Да го комплетирам тимот, да седнам на мојот стол и потоа ќе ги слушам снимките одново и многу внимателно.”
Внимателно ќе ги слушам „бомбите”
Сигурна е во одговорот на прашањето – како може да влијае евентуалната одлука на Апелацискиот суд дека снимките не можат да бидат користени како доказен материјал.
„Никако. Јас можам да постапувам по допрен глас. Секој збор во тие ‘бомби’ ќе биде предмет на анализа. Јас имам право да гонам, а судот потоа нека одлучува.”
Во однос на постапувањето на судовите не сака да прогнозира.
„За 18 месеци мора се да се изанализира и да се донесе законска одлука. Со оглед на роковите ова е работа на кратки патеки. Но ефектите треба да бидат долгорочни. Друго прашање е дали тоа некому ќе му се допадне или не. Доколку има обвиненија, со првите одлуки ќе го почувствуваме и пулсот на судовите. И ќе ги користиме сите инструменти од законот – изземање, делегирање… Сè е во опција. Јас му кажав на мојот тим: ќе работиме максимално и тоа им е јасно. Исто како што им е јасно дека нема да бидат дел од тимот ако нарушат кое било правило од кодексот на јавните обвинители – да се стручни, доверливи, достоинствени во својата работа. Ако слушнам дека некоја информација се врти во јавноста, а знам со кого сум ја работела, тоа лице ќе ја најде вратата затворена. Никој не е дојден на јавен оглас. Доаѓаат со преземање, ако не одговорат на задачата – се враќаат.”
Оние кои ја познаваат, ја опишуваат како бескомпромисна и храбра. Ја прашувам – може ли ваквите оценки да почнат да се топат со текот на времето и функцијата?
„Познавајќи се себеси, твр­дам дека нема. Во животот сум имала многу предизвици кои се дел од мојата биографија и не сум потклекнала. Се надевам дека и оваа работа ќе ја завршам во рокот кој ми е даден, на најсоодветен законски начин.”
Прогнозата дека првите резултати ќе бидат видливи од меѓу декември и март ја темели врз законските рокови.
„Мора да се сфати дека ние имаме надлежност на цела територија на РМ, пред сите судови. Ќе има секакви предмети во тој период. И секакви одлуки. И можеби ќе се вклучиме во некои постапки. Тоа ќе се знае по 2 ноември. Законот налага рокови.”
Нема да биде изненадена од евентуални доцнења на исплатите, кои може да ја отежнат работата на обвинителството, но децидна е дека ќе работи со силно темпо и покрај можните опструкции. Тврди дека нема да прави компромиси или да тактизира со одлуки заради предизборниот период: „Тоа нема да се случи”.
Свесна е дека во јавноста постојат огромни очекувања од специјалното обвинителство.
„Сè ми е јасно. Знам каде сум, какви се очекувањата и што ме очекува. Во мојата досегашна работа ми се нема вратено обвинение. Обвинителството од каде што доаѓам е оценето како најажурно. Немаше тактизирање со предмети и чување во фиока. Имавме заведено дневна ажурност. Исто и тамошниот суд. Цврсто стојам на земја и знам што се очекува од мене. Благодарам на големата поддршка од граѓаните, од кои добивам многу пораки и охрабрувања и се надевам дека ќе го оправдам мојот избор. Татко ми беше судија. И јас се едуцирав во оваа сфера. Низ моите вени тече правосудна крв и желба да ја работам чесно во име на правдата.” 

(“Призма”)

Останати вести