Ќе ги објави ли Специјалното обвинителство првите обвиненија пред нова година?
Специјалното обвинителство успеало да собере докази за 14 случаи на изборни измами досега. Најавува дека бројката на предмети за изборни нерегуларности кои ќе ги земе во работа може да расте, па за оваа седмица најавува групни податоци.
“По однос на прибирањето докази, веќе започнаа активности во насока на нивно собирање. Во оваа насока, ве известуваме дека веќе се набавени одредени докази, а се работи на прибавување и на други, како и анализа на веќе набавените докази. Во овој момент, во интерес на истрагата е да не соопштуваме за каков тип активности станува збор и какви сe докази се прибавени, како и имиња на лица и евентуални бројки на постапки. Во оваа насока, може да ви потврдиме дека до овој момент заснована е стварна надлежност над 14 предмети поврзани со изборни нерегуларности, а во текот на наредна недела, ќе добиете и детално соопштение во насока на тоа во колку предмети сме воспоставиле стварна надлежност и точно колку од нив се однесуваат на изборни нерегуларности”, вели за “Вест” портпаролката на Специјалното обвинителство обвинителката Ленче Ристоска.
Ова обвинителство, истовремено, оценува надлежност и на 30-ина предмети кои, место етапно, наеднаш Јавното обвинителство на РМ и ги истовари во папки и кутии во Министерството за правда минатата недела. За ниеден од тие случаи нема поднесено обвинение, и покрај повеќемесечните истраги од Обвинителството за организиран криминал и корупција и од Скопското јавно обвинителство.
Обвинение има само за случајот „Пуч”, кој беше донесен во Министерството за правда, заедно со останатите 30 предмети, а за кој Специјалното обвинителство уште нема утврдено, односно објавено дали е надлежно да го преземе.