Ако Грција сака одново да се врати на Балканот, можеби сега е најсоодветниот момент, пишува весникот „Катимерини” во анализата за ситуацијата на Балканот и за позицијата на Грција и нејзините можни следни чекори. Особено ако сака да се врати во Македонија и Албанија по француското вето на Самитот на ЕУ.
“Една иницијатива од Атина за одново – во следниот период во ЕУ да се дискутира барањето за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија – нагло би го подигнала авторитетот на Грција и би ја вратила на позицијата на кредибилен европски играч на Балканот, проценуваат дипломатски извори”, пишува „Катимерини”.
Дипломат од странска земја, што е директно засегната, за весникот се запрашал „зошто сега да не преземе иницијатива грчката страна, која од 2003 имаше амбиција да стане локомотива на балканскиот воз кон Европа” и додал дека резултатот би бил позитивен не само за Македонија и Албанија, туку и за Грција, но и за останатите балкански земји.
„Катимерини” коментира дека една иницијатива би била добредојдена за албанскиот премиер Еди Рама, а за Зоран Заев „може да послужи како спас на претстојните парламентарни избори, на кои е под закана од тежок пораз од националистите, доколку Европа не стори ништо за да му помогне во последниот момент”.
Она што би можело да се направи, според грчкиот весник, е на состанокот на министрите за надворешни работи овој месец Италија одново да го отвори прашањето за датум за пристапни преговори за Скопје и Тирана, да се разгледа одлуката на претходниот Самит и да се свика вонреден пред изборите во април.
“Ваквата разврска за да има среќен завршеток ќе треба Франција да ја смени позицијата, но засега такво нешто не произлегува од никаде, а Макрон и понатаму го има вниманието насочено кон внатрешниот фронт (и) за прашањето со проширувањето”, пишува грчкиот весник.
Во однос на Договорот од Преспа и сценариото за „замрзнување” на ерга омнес во внатрешната употреба во Македонија, новинарот коментира дека теоретски тоа може да се случи „од моментот кога имплементацијата е поврзана со интегратнивниот процес кој е замрзнат барем до јуни” и додава дека ова, политички би му било во корист на македонскиот премиер во пресрет на изборите.