Деновиве повторно сме сведоци на немили сцени во нашите цркви на петиот континент. И порано имало, но со доаѓањето на митрополитот Петар тие станаа секојдневие.
Меѓусебните кавги и судења станаа знак за наше препознавање пред целата Австралиска заедница. Се крстевме во него и се надевавме дека владиката Петар е во “право” и се бори за да ја “зачува” црквата од “приватниците”. Долги години му верувавме за да на крајот испадне дека не било така. И тој имал цркви во приватна сопственост и тоа на негово име. Милиони долари потрошени по судови, продадени имоти, испразнети цркви, расчинети свештеници, екскомуницирани верници, растурени заедници, замразени брат со брат…и до каде уште ќе тераме? Остана ли уште нешто да се дорастури и доуништи и засекогаш да завршиме со нас? И после ќе ни биле криви другите…
Ги следиме последните немили настани во најмалата и најмирнатата македонска заедница во Мелбурн, Св. Димитриј во Спрингвел. Којзнае од кои побуди Владиката Петар, потпомогнат од отецот Миле Талески го суспендираа најмирниот и најомилен свештеник во Мелбурн, о. Глигор Киселинов. Народот е незадоволен со таа одлука и се буни, и наместо да се попушти (а да не зборуваме некој да си ја увиди грешката и признае) тој уште посилно мава со уште една построга одлука.
Но не беше и тоа доволно што човекот ни крив ни должен го суспендираа и противправно му ја прекинаа платата, туку ЕПАРХИСКИОТ УПРАВЕН ОДБОР или поточно Владиката, кој очигледно се крие зад оваа институција, излезе и со свој официјален апел и став.
Колку што јас се разбирам во црковни работи, како интелектуалец и обичен верник, ЕУО би требало да е врховно управно тело на црквата и во него по правило би требало да членуваат најобразованите и најдуховните свештени лица на таа Епархија. Кога човек го чита тој нивни став, не може да дојде до заклучок дека тоа се такви лица. Речникот им е многу беден, а духовноста базирана на рекла-казала, што покажува едно најниско ниво на општа култура. Уште ако умееш да читаш меѓу редови, во писмото се гледа страв од соочувањето од реален пораз па со очајнички закани, клетви, лажни ветувања и патриотизам се обидува да се задржи народот кој веќе се губи или е веќе загубен.
Во писмото се навлегува во приватноста на оштетениот о. Глигор и јавно се изнесуваат детали од приватноста. Правото на приватност ни е апсолутно загарантирано со правото на оваа демократска држава и е казниво според законот ако му го нарушуваме на некој. И не само тоа, тие се божји луѓе, или барем би требало да се, и нели знаат дека и Бог ни го чува тоа право. Или пак мислат дека се над законот, па за нив не важи тоа.
Во светото писмо се вели дека не треба да му го правиме на другиот тоа што не сакаме и нас да ни го прават. Па сега ве прашуваме: Со кое право вие навлегувате во приватниот живот на човекот? И што ќе направите вие ако некој вам ви ја наруши приватноста? Сигурно ќе го тужите. Можеби и мене што ви пишувам јавно? И што очекувате сега од о. Глигор додека вие поведени од чуствата на завидливост и злонамерност јавно газите по неговата чест и честа на неговата фамилија?
Но како да не се знаеме. Овде сите многу добро се знаеме и знаеме кој е о.Глигор и кои се тие што го судат. Да не зборуваме кој што поседува и има?
Сите медиуми пренесуваат за нас и се срамиме пред светот. Кавги и препирки и тоа внатре во црквата каде треба да владее најголем мир и хармонија. Многу недолично. Како тоа може да се осветува вода после Водици? И зошто е тоа наддавање на икони сега? За мене нема друг заклучок освен финансиски, за да се надокнади тоа што е пропуштено за Водици. Црквата се претвори во пазар. А отецот Јовица Симоновски толку возбудено кружеше околу народот место да застане меѓу нив како вистински пастир и лидер да ги повика луѓето да се смират, па морало да се повика полиција со што покажува дека свештенството го изгубило својот углед и почит меѓу народот.
И на крајот, како верник и чесен Македонец, мислам дека не може да се остане рамнодушен и барем да се запрашаме, до кога? До кога со клевети и застрашувања? До кога наши браќа и сестри, Македонци, ќе се јадеме меѓу себе и уништуваме. Зошто тој инает? И против кого и за чиј интерес? Што ќе оставиме наследство на нашите деца? И зарем не е редно како возрасни еднаш за секогаш да пробаме да го застанеме ова проклетство што ни се случува, да не биде доцна и се само уништиме?!?
Дејан Сирачевски
