Заев доби метла и објави: „Ќе има чистка!“

Ден по првиот круг од претседателските избори, во понеделникот на првата трибина со гласачите во Општина Карпош, актерот Драган Спасов Дац му подари метла на премиерот Зоран Заев, порачувајќи му дека е сосема нова и дека е за ,,чистката која треба да ја направи”.

– Затоа што јас сум првиот кој си поднесе оставка од морални причини, имам и морална одговорност да ја предадам оваа метла за чистката што треба да се направи. Ова ништо не е договорено, од супермаркетот “Рептил” е и чини 360 денара, има и лопатче каде може да се собере доста ѓубре. Јас отсекогаш сум го сакал СДСМ и сум гласал за оваа партија, сум се гордеел со оваа партија. Сигурен сум дека мојот иден претседател е Стево Пендаровски, рече Дац.
Премиерот Заев, пак, кажа дека ја примил пораката од незадоволните граѓани кои во неделата одлучија да останат дома. Тој најави чистка на сите функционери кои ги изневериле граѓаните.
– Разбрав, многу наши поддржувачи ми испратија порака: Еј, ало, менувај нешто, не ја бива вака! Пораката ја примив и ви возвраќам – чистка ќе има на сите функционери кои немаат капацитет да му служат на народот. Како од централната така и од локалната власт. Ја испраќам мојата порака до тие што останаа дома: државата ни е во прашање. Пораката ја испративте, но немојте да ја казнувате државата поради локалната или централната власт. Ќе има чистка, секако дека ќе има чистка. По изборите ќе се случат промените, кажа Заев оти според закон за време на изборен циклус не може да се менуваат и поставуваат нови функционери.
Премиерот верува дека во вториот круг претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ќе победи со 100 илјади гласови разлика.
– Ова не е борба за Заев, не е борба за СДСМ, ова е борба за татковината. Близината на гласовите вика „се враќа Груевски, се враќа режимот”, тоа не го сака никој, не го сакаат ниту гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше лидерот на СДСМ и премиер.
Посочи оти увиделе каде се направени грешки и, како што рече, тоа се поправливи грешки, никаде немаме направено штети како 11-годишниот режим што ги имаше направено.
Наведе дека на Пендаровски му се потребни гласовите од претседателскиот кандидат Блерим Река, кој испадна во првиот круг од претседателските избори.
– Ни требаат гласовите од Река, да ни требаат сите. Ги покануваме да ни се придружат на концептот на единство. Да се придружиме сите на концептот што не носи рамо до рамо со современиот европски свет, нагласи Заев.
Истакна оти народот знае дека допрва доаѓаат благодетите, наведувајќи дека чекорат по вистинскиот пат.

Останати вести