Мицкоски: Ќе победиме со 100 илјади разлика, а ќе се оградам од Груевски само ако некој победи со аргументи

– Гарантирам: на предвремените парламентарни избори разликата ќе биде минимум 100.000 гласови во наша полза во однос на СДСМ, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Стадион” на Радио “Канал 77”.

Зборувајќи за недобиениот датум за почеток на преговори со Европската унија, тој истакна дека неправдите кон македонскиот народ и македонската држава биле присутни од многу одамна.
– Но, треба да ги видиме пораките, да седнеме, да ги отстраниме проблемите кај нас, недостатоците што ги имаме во општеството. Колку тоа ќе трае од оваа перспектива е тешко да се каже. Но, нема да биде предолго зашто капацитетите на ВМРО-ДПМНЕ и на структурите што се надвор од тесното јадро на СДСМ се големи – рече опозицискиот лидер.
Беше прашан и за тоа – ако на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ, како ќе се однесува во однос на Законот за јазиците од аспект на можно коалицирање со партии на Албанците.
– Ние немаме ништо против јазиците на етникумите, но тоа мора да се прави функционално, применливо, во согласност со законите и со Уставот. Повеќепати апелиравме за Законот за јазици. Тоа што конкретно го кажавме се виде дека го потврди Венецијанската комисија – истакна Мицкоски.
На прашањата: зошто избегал Груевски во Будимпешта и ќе се огради ли, конечно, еднаш јасно од него, Мицкоски рече дека сето она што причинило неправда некому, а било политика на ВМРО-ДПМНЕ, е подготвен да го прифати, доколку тие аргументи ги победат неговите, и да побара прошка.
– Јас навистина не знам зошто избега Груевски. Но, мислам дека одговорот го знаат Зоран Заев и Оливер Спасовски, а ако и тие не знаат, тогаш треба да има некаква одговорност за нив – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на предлозите Македонија да биде една изборна единица, Мицкоски нагласи дека тие се за изборен модел што ќе го гарантира гласот на секој граѓанин, но кој ќе биде и функционален. Но, додаде и оти досега немало никакви официјални разговори за промена на изборниот модел, туку само се разговарало како препораките на ОБСЕ и ОДИХР да се вградат во Изборниот законик и на тој начин да се подобри изборниот процес.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше прашан и колку го продал уделот во трите хидроцентрали.
– Тоа чини онолку колку што имам вложено, околу 70.000 евра од вкупната инвестиција за трите мали хидроцентрали. А како некој професор имал доволно пари за ваков бизнис, јас како доцент имав плата помалку од 40 000 денари, но истовремено бев консултант за странски компании. Во тоа време на тендерот за хидроцентрали учествуваше и сегашниот вицепремиер, Кочо Анѓушев со кој и денес се дружиме и работиме заедно – додаде Мицкоски.

Останати вести