Ќе се држи до договорот за климатските промени

Владата на Турнбул веројатно нема да се спротистави на притисокот кој доаѓа од сопствените редови за откажување од поставените цели за обновливите извори на енергија, со напуштање на парискиот договор за намалување на климатските промени, дури и ако САД тоа не го направи.

Заменикот на прајминистерот, Барнаби Џојс, рече дека Австралија е позната како преговарач кој држи до својот збор и ги почитува договорите кои ги потпишува. „Ние не сме Соединети Американски Држави, туку само Австралија. САД ќе се занимава со своите работи, а ние со своите” – рече тој. Поранешниот прајминистер Тони Абот ја повика владата да ги напушти целите врзани за обновливи извори на енергија, кои тој ги намали во текот на својот мандат. Се е поголем бројот на парламентарци од редовите на коалицијата кои сакаат Австралија да го следи водството на ново избраниот американски претседател Доналд Трамп и да се повлече од парискиот договор за климатските промени.
Џојс изјави дека членовите на владата имаат слободна волја и можат да мислат што сакаат, а парламентарците во парламентот се слободни да го кажат својот став. Покрај тоа, наговести оти Австралија ќе се држи до договорот за климатски промени. „Нема да потпишуваме договори и потоа да се повлекуваме од нив. Кога влегуваме во такви договори, влегуваме со вера дека кога еднаш ќе го потпишеме договорот, треба да се држиме до него” – рече тој.
Министерот за енергија, Џош Фриденберг, рече дека владата не планира да ги менува поставените цели врзани за обновливите извори на енергија.

Останати вести