Кекеновски и Костовски подготвуваат ново политичко движење со нова платформа за здружена Македонија

Професорот Јове Кекеновски и бизнисменот Трифун Костовски се дел од иницијаторите за обединување на повеќе политички партии, движења, асоцијации, поединци… чија цел ќе биде да понуди нова визија за Македонија 

Откако Трифун Костовски во интерву деновиве најави формирање на ново политичко движење во земјата (натпартиско и мултиетничко), се појавија шпекулации за тоа кој се би влегол во него. Последните информации се дека во иницијативата за тоа ново движење се вклучил и Јове Кекеновски, но и пратеникот Павле Трајанов (лидер на Демократскиот сојуз).
Иницијаторите засега се резервирани во однос на изнесување во јавноста на повеќе детали за нивната идеја и велат дека се уште се во фаза на разговори и преговори.
Планирано е во ова движење (кое би се викало македонски национален фронт, фронт за здружена Македонија, демократски македонски фронт…) да влезат повеќе помали партии, здруженија и истакнати индивидуи кои ќе се залагаат за рекомпонирање на овој систем и враќање на вистинските вредности и на правната држата.
– Засега не планираме да прераснеме во политички субјект кој ќе учествува на претстојните избори, но и тоа може да се случи ако оцениме дека тоа е во интерес на граѓаните. Сакаме реално обединување на сиот потенцијал во земјата, кој би се залагал да запре процесот на дехуманизација во македонското општество. Сметам дека три елементи се најбитни за човекот: образованието, здравството, иднината. Во сите три сегменти денес го достигнуваме дното. Тоа мора да се измени, вели Трифун Костовски.
– Основната заложба на оваа политичка сила треба да биде спас за Република Македонија, вели Кекеновски кој, инаку, е еден од првите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а беше исклучен од партијата по неговите критики за власта и формирањето на Форумот на слободоумни патриоти.
Павле Трајанов, пак, вели дека се подготвува платформа за обединување и промени, која треба да привлече и други на рамноправни основи.

– Водиме интензивни разговори со голем број политички партии, граѓански асоцијации, со бизнис групации, експерти, претставници од пленумите на професори, студенти и средношколци… Ние сме отворени за соработка. Како политичка партија сме во ситуација за обединување како стожер на идниот политички блок, но ниту имаме ниту сакаме да имаме лидерска позиција во тој блок, вели Трајанов во изјава за Телма.
Се преговара и со партијата на пензионерите на Илија Николовски, со неколку невладини организации, а Лилјана Поповска од ДОМ вели дека засега не е вклучена во тие разговори…

Останати вести