Тинејџер од Мелбурн беше изведен пред суд под обвинение дека планирал да наполни кенгур со експлозив, да го нацрта на него симболот на Исламската држава и да го пушти меѓу полицајците на Денот на австралиско- новозеландската армија (Анзак) минатата година, пренесува „Аустралијан” повикувајќи се на судски документи.
Анзак се слави на 25 април секоја година во чест австралиските и новозеландските војници убиени во конфликтите.
Севдет Рамазан Бесим (19) од Халам е обвинет за заговор за терористички напад кој требало да вклучува и обезглавување. Полицијата вели дека тинејџерот бил мотивиран од екстремистичка идеологија и дека изразувал поддршка за Исламската држава. Тој беше изведен на суд во четвртокот кога се изјасни како невин по четирите обвиненија за спроведување интернет-пребарувања на Анзак во Мелбурн и во Данденонг, ангажирање во комуникации и креирање електронски запис на неговиот телефон – сите, наводно, за подготовка за терористички чин.
Бесим првично се соочи со пет обвиненија, но обвинителот на Kомонвелтот, Ендрју Дојл, повлече едно кога Бесим се појавил во мелбурнскиот Основен суд во четвртокот.
Повлеченото обвинение било за заговор за подготовка или изведување терористички чин, што носи максимална казна од доживотен затвор.
Бесим е обвинет и дека планирал да прегази, а потоа и да обезглави полицаец. Тој наводно рекол дека е подготвен да се бори со кучињата на неговиот праг во онлајн-комуникација со малолетник од Британија.
– Би сакал да скинам неколку полицајци. Ќе ги сретнам и ќе земам неколку глави – наводно напишал Бесим во комуникацијата со 15-годишен Британец, цитирано од „Аустралијан броадкестинг корп”.
Разговорот продолжува со Бесим, кој опишува детали за тоа што би направил тој ден, а разговарајќи за животинскиот свет во Австралија, навестил дека би можел да наполни кенгур со Ц4-експлозив.
Бесим е во притвор од 18 април кога 200 тешко вооружени полицајци извршиле рација во југоисточниот дел на Мелбурн, при што уапсиле пет тинејџери и заплениле ножеви и мечеви. Во Велика Британија 15-годишниот соговорник на Бесим од Блекбурн, кој не може да биде именуван поради неговата возраст, бил осуден пред судот во Манчестер за неговата улога во заговорот на доживотен затвор без можност за условно ослободување во следните пет години. Судијата Џон Сандерс изјави дека тинејџерот ќе биде ослободен само кога веќе нема да претставува опасност за јавноста.