Едно од најголемите културни и традиционални богатства на Македонија – климите, се на изумирање. Ги има само во музеите и во некоја домашна збирка. И на двете места служат за покажување, не се употребуваат.
А за нив има што да се каже. Во боите и украсите на килимите е вткаена македонската историја. Се разликуваат по годините во кои биле изработени, но и по делот од Македонија од кој потекнуваат. Пораките кои ги носат килимите, денес, триесетина години откако престанале да се изработуваат, најдобро ги објаснуваат етнолозите. Јасемин Назим, етнолог од Музејот на Македонија, вели дека килимите имале многу широка употреба. Со нив се постилале подовите на одаите, луѓето се покривале со килими – прекривки, имало мали килими кои служеле како пелени за бебињата, а посебно значаен бил килимот за невестите. Имало килими со кои невестите го покривале ковчегот со чеиз, а посебно значајно било килимчето со кое се покривал коњот што ја носел невестата.
“Ковчезите од чеизот биле прекриени токму со килимчето кое се нарекува сеџаде, најчесто во црвена боја. Црвената боја, шарите и украсите ја засилувале заштитната моќ на килимчињата од секој лошотилак, невидливи сеништа или човечки магии на кои младоженците може да стапнат. Освен заштитната моќ, црвената боја и украсите – ромбови, колца, триаголници и гранки асоцираат на вулвата и ја потенцираат женската плодност”, објаснува Назим.
Во Македонија килимите ги донеле Турците. Во градските куќи се уредувале ориентални соби во кои немало мебел, имало долапи во ѕидовите и миндери за седење, а целата просторија била покриена со килим, кој бил централен украс и ништо не го покривало.
“Во приодот од крајот на 19 и почеток на 20 век во македонските градови почнала да се создава занаетчиско-трговска класа на христијани која почнува да прави куќи и да ги уредува во ориентален стил. На тој начин оваа култура на постилaње преоѓа и кај христијаните. Во овој период почнуваат да се изработуваат килими и кај нас. Се појавиле ткајачки. Им се даваат волна и пари, и тие ткаат. Ова посебно било развиено во Прилеп каде што имало и голем панaѓур на кој се продавале килими”, вели Назим.
Секој град си имал своја мостpa.
“Боењето на килимите се сметало за луксуз. Тоа бил долготраен и макотрпен процес кој се работел по разни рецепти, кои се предавале од колено на колено и никому не се кажувале. Се правеле бои од билки и од минерали. Од корен на билката борч се правела вишна боја. Кафеава боја се добивала од лушпи од ореви, жолтеникава од пиперки, од патлиџани, но по специјални рецепти. Сината боја, за која се користи изразот “чивит”, се добивала од индиго, како и некои нијанси на зелена. Природните бои не бледнееле и не се размачкувале по ткаенината. За да ја фиксираат природната боја, жените во ќуп ја собирале мочката – урината, и потоа ги потопувале килимите”, вели Назим.
Меѓу двете светски војни боите на килимите се менуваат, стануваат посветли, се поедноставуваат орнаментите и се прават поскромни композиции. Во овој период, посебно кај Торбешите, се јавува пембе на килимите, а останатите бои се многу посветли, оти веќе навлегле анилинските бои.
Според документацијата на Музејот на Македонија, крајот на килимите е во 70-тите години. Оттогаш продолжиле да се ткаат исклучиво само јамбојлии. Последните ткајачки се гевгелиските, кои ткаеле до 1989 година, но не килими туку јамбојлии и парталави черги.
Последните ткајачки воопшто по македонските села се жените родени во ’20-тите и во ’30-тите години од минатиот век. Сега нема кој да ги наследи.
Музејот на Македонија има килими кои го одбележуваат секој период од нивната употреба, но изложени се само неколку. Останатите во депо чекаат да се организира изложба. Голема збирка изложени килими има Етнолошкиот музеј во село Подмочани. За да се видат некои од килимите нема потреба и да се влезе во Музејот, оти се изложени надвор. Сопственикот на Музејот, Јове Евтимовски вели дека негова најголема љубов е собирањето носии, но заедно со нив собрал голема збирка килими.
“Ги имам од сите делови на Македонија. И сам не знам точно колку се. Ме стасаа годините, и здравјето не ме служи, не можам веќе да се грижам и за носиите и за килимите. Оваа работа бара многу труд. Постојано сум со лупата в раце, барам молци, оти немам клима, проветрувам, превртувам, и веќе се предавам. Не можам повеќе да го правам тоа”, се пожали Евтимовски. (“Вест”)
Евтимовски: Ќе ги запалам и носиите и килимите
Јове Евтимовски, сопственикот на Етнолошкиот музеј во Подмочани, се подготвува да ја намали збирката која ја поседува. Музејот на Македонија не бил заинтересиран да му ги откупи носиите и килимите, па тој, како што вели, оставен е да се снаоѓа сам.
„Ќе ги запалам и килимите и носиите. Имам носии да се облечат 600 жени, но не можам веќе да се грижам за нив. Немам ни простор. Куќата во која се сместени сега ќе му ја дадам на синот, ќе се жени. Што може да собере во старата зграда, ќе остане, другото ќе го запалам, како што еднаш веќе запалив дел од носиите”, вели Евтимовски.
Тој не сака да ги подарува носиите и килимите оти, како што вели, и нему никој не му ги подарил туку сите ги откупувал цели 37 години.
