НОВИОТ ШЕФ НА АМЕРИКАНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА: Кина може да го разниша светот каков што ние сакаме да биде

Новиот шеф на американската дипломатија Ентони Блинкен кажа дека натпреварувањето со Кина е „најголемиот геополитички предизвик на 21 век” за Соединетите Американски Држави и нивните сојузници, опишувајќи ги дипломатските приоритети на претседателот Џо Бајден.

– Повеќе земји за нас се големи предизвици, меѓу кои Русија, Иран и Северна Кореја, наведе тој во својот прв голем надворешно политички говор од преземањето на должноста пред еден месец.
– Предизвикот кој го претставува Кина е поинаков. Кина е единствената земја со економска, дипломатска, воена и технолошка сила која може сериозно да го разниша стабилниот и отворен меѓународен систем, сите негови правила, вредности и односи кои го прават светот онаков каков што ние сакаме тој да биде.
Блинкен вети дека односите со Пекинг ќе останат мешавина од „натпреварување кога тоа ќе биде здраво”, „соработка кога тоа ќе биде возможно” и „антагонизам кога тоа ќе биде потребно”.
Судирот меѓу двете најголеми економски сили ескалираше за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп.
Почнувајќи како трговска војна ги зафати сите области, од човековите права преку технологијата и одговорноста за новиот коронавирусот до судбината на Хонг Конг и обвинувањата за воен експанзионизам во Јужното Кинеско Море.
Под палката на поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео, жесток противник на Кина, односите го достигнаа најниското ниво од 1970-тите кога официјално беа воспоставени, предизвикувајќи незапаметена криза која потсетува на студена војна.
Блинкен вети дека „ќе води дијалог со Кина од позиција на сила”.
Трамповата доктрина, позајмена од поранешниот американски претседател Роналд Реган, беше исто така „мир преку сила”. Но новата демократска администрација уверува дека тоа ќе биде „сила” само по име.
– Вистинската сила не се фалењето и кревањето на носот. Таа не е само воена сила, кажа Блинкен.
– Вистинската сила е лидерство со нашите вредности, но и соработка со нашите сојузници и партнери без омаловажување, бидејќи нашата заедничка тежина значително ѝ отежнува на Кина да нè игнорира, порача тој.

Останати вести