Кина развива нов напреден вселенски брод, кој ќе може да лета во ниска Земјина орбита и да слета на Месечината, вели кинескиот весник Наука и технологија.
Инженерот за вселенски бродови Џанг Бајнјен изјави за весникот дека новото летало ќе може да се врати на Земјата и дека ќе има простор за повеќе астронаути.
Џанг не даде други детали за леталото, но го спореди со вселенскиот брод „Орион”, кој го развиваат Европската вселенска агенција и НАСА.
Кина првата вселенска мисија со екипаж ја имаше дури во 2003 година, но оттогаш брзо напредува.
Минатата година ја претекна Русија и се изедначи со САД според бројот на лансирањата ракети, според астрофизичарот Џонатан Мекдауел од Универзитетот Харвард. Кина и САД лансираа 22 ракети, а Русија 17.
Во последната мисија кон крајот на минатата година, двајца астронаути поминаа еден месец на кинеската вселенска станица. Во следните пет години Кина планира да има целосно функционална вселенска станица со постојан екипаж, а во иднина планира да испрати мисија со екипаж на Месечината.