Глобалната дигитална едиција “Kindle Books” на англиски јазик деновиве е збогатена со 12 романи на македонскиот писател Божин Павловски.
Тоа се дела што освоиле високи меѓународни и домашни признанија: “Gardener, Desert” (Градинар, Пустина), “The Horn of Love” (Рогот на љубовта), “Shadow in the Name” (Сенка во Името), “Winter in Summer” (Зима во лето), “America, America” (Америка, Америка), “The Beauty and the Marauder” (Убавицата и Мародерот), “Dreaming on the Road” (Египетска Сонувалка), “Journey with my Beloved” (Патување со Љубената), “Eagle Coat of Arms” (Подвижни гробови), “Borders” (Мирисите на Доилката), “The Red Hypocrite” (Црвениот Хипокрит) и “West Aust”(Вест Ауст).
Дигиталната верзија на романите, проследенa со извадоци од светската критика, овозможува глобална читачка публика и доаѓа само неколку месеци по печатената верзија во издание на “AEA publishers” и “Griffin Press” од Мелбурн, Австралија. Преведувачи на делата се: Весна Николова, Елена Чаварела, Билјана Џон, Мајкл Серафинов и Џејмс Томев. Супервизор на преводите е Бредли Досон, ликовен уредник Жаки Линч.
Божин Павловски е добитник на повеќе меѓународни признанија, како: Интербалканската награда за книжевност во Грција, наградата “Екселзиор” за унапредување на европската проза во Романија, наградата “Железара Сисак” во Хрватска, наградите “Младост” и “Арка” во Србија. Меѓу националните признанија треба да се издвојат 6 најугледни: наградите “11 октомври” за роман (1978) и за животно дело во уметноста (2008 година), Рациновото признание (во 1973 и во 2006 година), како и сталешката награда “Стале Попов” (во 1987 и во 2014 година).
Романите на академик Павловски, кој живее и твори во Македонија и во Австралија, се преведени на 17 јазици во повеќе од 60 изданија и проследени со бројни критички толкувања.
Божин Павловски е познат и по двете свои културни мисии: 25 годишното предводење на фуриозниот издавачки бран во Македонија пред осамостојувањето, за што беше одликуван со највисок Орден заслуги за народ, и 30 годишното раководење со македонските неделни весници во Австралија.
