Kинеските државни медиуми повикаа на војна против Австралија во конфликтот за Јужното Kинеско Море. „Глобал тајмс” посочува дека Австралија е идеална цел за Kина да предупреди и нападне ако влезе во спорните води.
Тврдокорниот националистички весник предупреди дека Австралија ќе си ја научи лекцијата за поддржувањето на пресудата на меѓународниот арбитражен трибунал во Хаг, која ги негира историските права на Kина над Јужното Kинеско Море, пишува британски „Експрес”.
Пекинг ја отфрли одлуката и одби да се придржува на наодите на трибуналот велејќи дека судот ја нема неопходната јурисдикција зашто Kина никогаш не се покорила на арбитражата. Австралија, заедно со САД и Јапонија, го повика Пекинг да дејствува во согласност со пресудата велејќи дека тоа е одговорност на Kина според меѓународните закони иако Kанбера, Вашингтон и Токио не се засегнати страни во територијалниот спор.
„Глобал тајмс” ја опишува Австралија како земја со неславна историја, која прво била затвореничка колонија на Велика Британија и била воспоставена со нецивилизирани средства, во процес исполнет со солзи од Абориџините. Весникот ја напаѓа и позицијата на Австралија во спорот за Јужното Kинеско Море нарекувајќи ја бесрамен обид да им се пикне под кожа на САД и намера да ја потисне Kина за да добие адут за економските интереси.
– Kина мора да се одмазди и да и покаже на Австралија дека греши. Моќта на Австралија не значи ништо во споредба со безбедноста на Kина. Ако Австралија стапне во водите на Јужното Kинеско Море, ќе биде идеална цел за Kина да предупреди и нападне. Австралија не е ниту хартиен тигар, таа е хартиена мачка во најдобар случај – стои во текстот.
Сето ова доаѓа во време кога Пекинг и Москва ги здружуваат силите оваа година за масовни поморски вежби во Јужното Kинеско Море. Руските и кинеските претставници тврдат дека септемвриските вежби ќе бидат рутинско тренирање, но тие најверојатно ќе ги влошат односите меѓу воените сили и меѓународната заедница. Операцијата доаѓа една година откако Русија и Kина одржаа заеднички воени вежби во Јапонското Море и на Медитеранот.