Општина Центар инвестира во проект едно од некогашните култни места во Скопје да стане центар за одржување на разни културни манифестации отворен за цела културна сцена. Центарот ќе го прави фирма на познатите режисери Александар Поповски и Слободан Унковски.
Некогашното кино „Култура” ќе се претвори во нов мултифункционален објект со општа намена за одржување културни манифестации од секаков вид, перформанси, претстави, гостувања од странство. Објектот ќе биде отворен за децата, младите за цела културна сцена. Општина Центар ќе учествува со свои финансиски средства со цел објектот да обезбеди минимални услови за работа на сите што ја сакаат културата. За таа цел уште во април годинава имаше објавено конкурс за финансиска поддршка на проекти од локален интерес од областа на сценската уметност, на кој се јавил само еден заинтересиран субјект – „Театар на навигаторот Цветко” (во сопственост на познатите режисери Слободан Унковски и Александар Поповски). Во овој проект Општина Центар ќе партиципира четири милиони денари од својот буџет, додека преостанатите средства неопходни за целосна рехабилитација на просторот ќе ги обезбеди „Театар на навигаторот Цветко”. Парите Општината ќе ги исплаќа на транши, според фазите на работа. Киното „Култура” е еден од најстарите објекти во Скопје и е препознатлив за сите граѓани, култно место на кое се сеќаваат постарите скопјани. Киното е важно за цел град, но со оглед дека се наоѓа на територијата на Центар, Општината ја презема обврската за негово повторно заживување.