Кириос може да добие забрана за учество на Олимписките игри

Ник Кириос доби предупредување дека може да биде исклучен од делегацијата на Австралија за Олимписките игри во Рио оваа година.

Причина за тоа е однесувањето на талентираниот тенисер, кој не престанува да прави скандали на и надвор од теренот. Кити Чилер, одговорно лице на австралискиот комитет за Олимпијадата, го предупредила Кириос дека ако не почне да се однесува соодветно, нема да може да ја претставува Австралија во Рио. Одговорот на Кириос беше во типично негов стил и дојде по поразот од Кеј Нишикори во четвртфиналето на “Мастерс” турнирот во Мадрид, каде што Австралиецот направи еден од најубавите удари од почетокот на сезоната. “Некој да каже на Кити да го види овој удар, тогаш ќе разбере зошто сум кандидат за олимписките игри”, одговорил Кириос, кој е највисоко рангиран Австралиец во светската тенис ранглиста, каде го зазема 21-тото место. Слични проблеми наскоро може да има и Бернард Томиќ, кој исто така се посрамоти со недолично однесување за време на турнирот во шпанската престолнина. Тој го заврши своето учество со загуба од Фабио Фонини, а при последниот сет на Италијанецот демонстративно го држеше рекетот наопаку.

Останати вести