Кој и да направи коалиција, таа ќе биде климава и ќе води кон предвремени избори

За време на изборната кампања (па и постизборно) онолку колку што ДУИ инсистираше на премиер Албанец, толку Зоран Заев велеше дека е време Ахмети и компанија да одат во опозиција. Но, изборните резултати се “ни риба ни девојка”, односно се покажа дека ниедна партија во државата нема мнозинска поддршка кај гласачите.

Нешто над 700 илјади гласачи го дадоа гласот на СДСМ (327.329), ВМРО-ДПМНЕ (315.344), Левица (37.551), Интегра (12.291) и остантите македонски партии (18.242). За партиите од албанскиот етнички блок гласаа вкупно 200 илјади (ДУИ – 104.699, АА/А – 81.620, ДПА – 13.930).
На овие избори јасно се гледа дека фалат гласовите на етничките Македонци (нешто над 260.000) кои очигледно во разочараноста од понудата се одлучиле на денот на гласањето да останат дома.
Како голем кикс на СДСМ се смета предизборната коалиција со БЕСА, зашто се покажа дека споредбено со 2016 година нејзините гласачи се ориентирале целосно кон АА/А и кон ДУИ. Така му пропадна најавата на Заев дека ќе победи со 70.000 па и преку 100.000 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците на БЕСА не се и на СДСМ, така што Заев всушност има 42 пратеника.
Кај ВМРО-ДПМНЕ сликата е исто така разочарувачка. Несфатливо е како, според атмосферата на која се ложеше членството, партијата не го надмина “историскиот минимум” во гласови за соборување на хибридниот режим. И покрај предавничките договори со Грција и Бугарија, покрај “Рекет”… Не го повтори ниту резултатот од ланските претседателски избори со Гордана Сиљановска-Давкова (таа сега беше како носител на 1ИЕ), што покажа дека непартиските гласачи изгледа не го препознаваат ова раководство на ДПМНЕ како подобар избор од Заев. Не помогнаа ниту улогата на шпиценкандидат на Христијан Мицкоски ниту изборните спотови со англиски хумор.
Изборниот успех на Левица во новиот собраниски состав ќе биде само свеж развигорец кој повремено ќе ни носи скандали, хумор, а можеби и солзавец (според најавата на самиот Димитар Апасиев).
Сите аналитичари се согласуваат дека каква и да биде новата владина коалиција таа е биде климава. И ќе биде со краток век односно најмногу до локалните избори по една година.
Еве ги можните почетни коалициони партнерства за владејачко мнозинство што произлегуват од изборните резултати

1. СДСМ и ДУИ = 61
Иако за ДУИ е најважно да остане на власт, СДСМ има негативно искуство од досегашниот “брак” и сака официјално да се “разведе”. ДУИ ја намалува привлечноста за коалицирање (со било кого) поради тоа што не се откажува ниту од идејата за премиер Албанец, конкретно Насер Зибери, кои тие го промовираа во својата изборна кампања.
И Заев и Ахмети во предизборниот период си упатија отровни стрели еден кон друг, па за да продолжат понатаму како коалициони партнери ќе треба да си простат за навредите кои меѓусебно си ги упатија додека беа во трка по гласови.

2. АА/Алтернатива, ДУИ, ДПА и СДСМ = 74
За постабилно мнозинство постои можност и Алтернатива и Алијанса за Албанците, кои имаат 12 пратеници, и ДПА која има еден да се придружат на коалицијата ДУИ-СДСМ. Така владиното мнозинство би било далеку постабилно и би имало 74 пратеници.
Но, Алијансата за Албанците и Алтернатива и ДПА изјавуваат дека не сакаат да бидат на иста маса со ДУИ.

3.АА/Алтернатива, СДСМ, ДПА и Левица = 61
Алијансата за Албанците и Алтернатива со своите 12 пратеници не се доволни за заедно со СДСМ да имаат мнозинство, односно вкупно би имале 58 пратеници. Мнозинството би можело да се бара и во едниот пратеник на ДПА и во двата на Левица, но ова изгледа невозможна опција поради позициите на партијата на Димитар Апасиев (против договорите со Грција и Бугарија, против НАТО, против СДСМ…).

4. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Левица = 61
ВМРО-ДПМНЕ и Левица можеби и би постигнале коалициска платформа (поништување на договорите со Грција и Бугарија и излегување од НАТО – во некој нареден период), но ДУИ е неприфатлив партнер прво заради ставовите за премиер Албанец и второ заради експанзионистичката политика на албанството во Македонија.

5. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, АА/Алтернатива и ДПА = 72
Вакви “рогови во вреќа” се неостварливи.

6. Мицкоски и Заев заедно = и да видиш да не веруваш
За Македонците најдоброто решение, со вклучување на АА/А како малцински партнер. Во ваква коалиција би имало вкупно 17 Албанци што го обезбедува дури и Бадентеровото мнозинство за некои клучни закони.

Останати вести