Група Македонци во Перт беа изненадени со убав гест – во нивна чест беше поставена клупа со плоча на македонски и англиски јазик за да одбележи дека се составен дел на трговскиот центар во Мирабука, кој е нивно собиралиште уште од 1978 година.
Тие секојдневно го посетуваат трговскиот центар, поминувајќи го денот во кафулиња и разговори.
– Живееме близу овде, затоа тука секој ден пиеме кафе со пријателите и се дружиме, вели Стан Савески.
Џим Наумоски за локалниот медиум рече дека видел низа големи промени во центарот, вклучително и во сопствената дневна рутина.
– Се пензионирав пред три години. И сега секогаш овде доаѓам (да се дружам) и се чувствувам добро затоа што сите си зборуваме на македонски јазик.
Тука имаме сè, никој не оди во градот каде што мора да платите за паркирање.
Менаџерката на центарот „The Square Mirrabooka”, Алана Едвардс, изјави дека овој гест ќе беше направен порано ако не беше ковид-19.
– Чувствуваме дека е привилегија да можеме да вратиме нешто кон Македонците, како признание зашто доаѓаат тука толку долго време. Трговскиот центар за нив е втор дом. Тие тука се секој ден, и ова е дел од нивната заедница. Затоа ние сакаме да се осигураме дека го прифаќаме тоа за нив и да ги направиме да се чувствуваат добредојдени, рече таа.
