Книгата која би сакале да ја нема

Со истакнување на книгата Џафери (ако воопшто тој ја ставил) не потсетува дека сите четири соседни држави околу Република Македонија имаат експанзионистички планови, на штета на Македонците

Што сакал да порача Талат Џафери со тоа што (покрај албанските знаменца) крај бирото ја истакна книгата „Балкански мегаетникум – Националните доктрини на македонските соседи”, од авторот проф. д-р Димитар Мирчев (покоен)? Се работи за книга на македонски, составена од автор Македонец.

Некои во овој гест видоа негово чаталење и закана со албанската национална доктрина – за Голема Албанија.
Но треба да појасниме дека во таа книга не е содржана само албанската национална доктрина, ами и бугарската доктрина, грчката доктрина и српската доктрина – сите во контекст на големи држави.
Оваа книга на Димитар Мирчев е сублимат на заканите кои доаѓаат за РМ од сите нејзини соседи.
Авторот, на крајот, преку заедничките и сумарни изводи на овие доктрини ни го објаснува поимот „Мегаетникум”. Ова е навистина книга која би сакале никогаш да не постоела, односно да ги нема националистичките доктрини на сите соседи, кои се на штета на Македонците.
Еве што изјави самиот автор при промоцијата на оваа книга (во март 2013 година, во МАНУ):
-Утврдив многу интересни факти дека тие доктрини апсолутно постојат, врзани се главно со академиите на науки, имаат еден континуитет меѓу оние доктрини од половината на 19 век, какви што се Мегали идејата на Грците, Зачртанието на Илија Гарашанин во Србија, Програмата на Призренската лига…Има еден теориски континуитет. Меѓутоа ние би очекувале дека денес во модерно доба тие доктрини ќе се изменат значително, ќе се засноваат на човековите права, почитување на суверенитетот, идентитетот на другите народи, малцинства и излезе дека не е, дека се уште се базираат на теориите од 19 век – рече проф. д-р Мирчев.
За книгата зборуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека ова е извонредно значаен авторски труд, вредна теориска студија која ќе ги збогати македонската наука и фондот на сознанија за современата општествена теорија, за аналитичко-критичката социологија и политикологија, но и за историографијата.
– Националните доктирини на нашите соседи не можеме да ги негираме, напротив колку и да се субјективистички, национални, етнички, пристрасни, тие влијаат на политиката и на односите на Балканот, се уште не се надминати и се актуелни во односите во соседството и во регионот и најверојатно и натаму ќе бидат актуелни – изјави Канческа-Милевска.
Инаку, книгата е преведена на англиски, српски и словенечки, и освен во Македонија е издадена во Република Србија и Република Словенија.

Останати вести