Иако со новата технологија се прават обиди да се заменат книгите со електронски (невидливи) книги повеќето луѓе посебно они кои така речено „се родени” со книги во своите раце, не се предаваат на стихијата на електрониката. Но важно е да се чита и да се учи а ова се поддржува и од владата на Нов Јужен Велс и ноември го прогласи месец на книгата.
Премиерот на оваа држава Гладис Береџиклијан покрена иницијатива за да ги поттикне учениците да читаат повеќе и по тој повод под нејзино покровителство додели повеќе награди за читање. Еден од тие добитници е и Кристијан Јошески од основното училиште во Белмор (предградие на Сиднеј) кој е прогласен за најдобар читател на книги во училиштето.
Кристијан не само што ги направи горди своите родители Тони и Биљана Јошески туку и неговиот дедо и баба Иван и Нада Трпоски. Иван како член во Литературното друштво „Григор Прличев” го води архивот и библиотеката на истото и не е чудно што му се врежал читачки дух на Кристијан.
Исто така и Литературното друштво „Григор Прличев” секоја година на своите најдоби читатели на книги им доделува благодарници, па така на крајот од оваа година оваа награда му припадна на 84 годишниот Димитрија Кукуљовски кој членува во библиотеката повеќе од 30 години. Покрај рестрикциите ништо не го спречуваше Димитрија да ја посети библиотеката и да позајми книги и како што забележа дека читањето и љубовта кон книгите за него е „кислород кој му го продолжува животот” или „мевлем на душата”.
Честито на Кристијан и Димитрија за нивните награди со желба да продолжат со читање и ја задржат љубовта кон книгите.
Душан Ристевски
