Една од главните причини зошто изумираат австралиските коали е инфекција од бактеријата кламидија. Тоа е болест која најчесто се пренесува преку сексуален контакт, но овие животинчиња ги погодува во размер на епидемија.
Анализите покажуваат дека дел од популацијата на коалите кои живеат во дивината имаат 100 отсто инфекција од кламидија, а болеста предизвикува слепило, тешко воспаление на мочниот меур, неплодност, и на крај смрт. Лекувањето со антибиотици создава дополнителни проблеми, затоа што антибиотиците ги менуваат бактерии во цревата и го прават тешко варењето на листовите на еукалиптус (што е нивна главна храна).
Бактеријата кламидија веќе со децении ги напаѓа коалите, и не се знае зошто овие животни се толку подложни на неа. Научниците се сомневаат дека вирусот е од исто семејство како и ХИВ вирусот кај луѓето. Коалите кои се заразени со ретровирус тип Б, најверојатно ќе бидат заразени со кламидија, и имаат голема шанса да развијат тешки симптоми, како што се инфекции на уринарниот и репродуктивниот тракт, конјунктивитис и рак. Возрасните коали добиваат кламидија исто како луѓе, по сексуален пат. Младите коали се заразуваат, јадејќи го хранливиот дел од измет на инфицираните мајки, се вели во студијата. Болните коали се третираат со антибиотици, но честопати губат телесна тежина и умираат за време на третманот.
Кламидијата е најсмртоносна од сите болести кои ги напаѓаат животните. Научниците се сомневаат дека лековите кои би требало да ги спасат многу им го нарушуваат балансот на разновидност во цревата и им го пореметуваат варењето на храната.
Листовите од еукалиптус, кои во дивината им се главна храна на коалите, содржат танин, кој може да биде многу токсичен ако не го разгради одреден вид цревна бактерија (lonepinella koalarum), па затоа, ако ги нема овие микроорганизми, коалите не можат да ја варат храната, велат истражувачите во магазинот Scientific Reports.
Во минатите две децении, популацијата на коали во многу области на Австралија се намали и за 80 отсто.