“Код“ за акцијата во Диво насеље: Терористите од Отља со брза помош влегле во Диво насеље – а Груевски, Мијалков, Јанкуловска биле гледачи…

Во минатонеделното издание на емисијата „Код” беа откриени повеќе детали за настаните од 9 и 10 мај 2015 година во кумановска Дива населба (локално Диво насеље).

Пред да се случи Гошинце и Диво насеље, водачите на групата – Мирсад Ндрецај и Бег Ризај – биле во Швајцарија и во Прага, Чешка. Посебно е интересно тоа што Косовецот Ндрецај патувал со оригинален македонски пасош на име Беким Реџепи (ама со слика на Ндрецај, издаден во 2009 година). Тој поседувал и оригинална македонска лична карта на истото име што му била издадена истата година. Тогаш имаше локални избори, каде еден од кандидатите за градоначалник на Струга беше Фијат Цаноски, кој се жалеше на закани помеѓу двата круга од изборите. Токму тогаш во овој град била група од Косово, меѓу кои и двајцата водачи на кумановската група. Никој во судењето за Диво насеље не објасни од каде му се личната карта и пасошот на Ндрецај (алијас Командант НАТО), зашто не се фалсификат – значи некој од МВР му ги обезбедил. Изворите на “Код” велат дека двајцата во тој период пред изборите престојувале во изнајмен стан спроти Рамстор Мол во Скопје.
По изборите, на 10 април заминуваат и од тогаш никој не ги видел во Македонија. Токму тоа е и датумот кога се случи спектакуларниот грабеж на “ПроКредит банка” во центарот на Скопје, а разбојниците избегаа во Косово. Не е познато дали овие двајца биле дел од грабежот. Вината за грабежот му беше префрлена на познат косовски бизнисмен кој во истата зграда исто така имал изнајмен стан. Косовецот неодамна е префрлен божем на доиздржување на казната во Косово, ама слободно се шета.
“Код” ја продолжува приказната за движењето на Ндрецај и Ризај – тие во март веќе се во Швајцарија, а отседнуваат кај една Албанка која работи во швајцарски затвор. Се знае дека таму двајцата оствариле средба со еден Албанец, инаку бизнисмен во Чешка, близок пријател на политичари и бизнисмени во Македонија. Тој никогаш не бил испрашан за врската со Ндрецај и Ризај.
Но, во јавноста се ширеа шпекулации дека во Швајцарија и Чешка е договорена зделката – за големи пари да предводат илегална акција во Македонија.
Според информациите на “Код” акцијата била подготвена набрзина.
Прво била нападната караулата во Гошинце, каде беше одземено големо количество оружје (кое никому не му е јасно зошто било воопшто таму). Потоа е организирано влегувањето на вооружената група од Косово во Македонија.
Македонските безбедносни органи знаеле дека упаднала вооружена група во земјата. Ја следеле преку разузнавачки канали. Групата прво сакала да се стационира во Слупчане, но првенците на селото ги избркале. Потоа нашле сместување во Отља. На границата, во селото Брест веќе имале сигурна куќа а потоа нашле и три куќи во градот Куманово.
Е, тука македонските безбедносни сили веќе полека им ја губат трагата. Се мислело дека терористичката група има изнајмено куќи на самиот раб од Куманово, но се покажало дека тие се многу повнатре, во Диво насеље.
Тогаш е донесена одлука дека е време да се нападне таа група. Околу 75 припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) се испратени во Отља зато се сметало дека таму е главнината на терористичката групација. Како поддршка имале и беспилотно летало.
Во Куманово, пак, каде што се мислело дека има само 3-4 терористи, биле испратени три борбени возила “волф” со вкупно 12 припадници на противтерористичката единица “тигри”. Им било кажано дека треба да уапсат двајца нарко-дилери. Од кумановската полиција биле ангажирани уште два вода полицајци кои само блокирале две пристапни улици кон Диво насеље.
“Тигрите” влегле во стапица
Првото борбено возило на “тигрите” што пришло до куќите во кои биле распоредени терористите е погодено со рачен ракетен фрлач, по што следува и рачна бомба. Гинат првите тројца во борбеното возило. “Тигрите” сфаќаат дека влегле во стапица – терористите биле спроти нив распоредени во облик на полукруг. Веднаш била побарана помош за извлекување.
Во Отља, пак, поголемата полициска единица го пребарува селото и не наидува на вооружени лица. Причината била едноставна – претходниот ден, кога беспилотното летало го надлетувало селото, терористите сфатиле дека се откриени.
Терористите со „брза помош” влегле во Куманово
Подоцнежната истрага открила дека терористите и оружјето од Отља се префрлиле во Куманово, без никој да ги забележи и тоа користејќи државно возило на “брза помош”. Биле натоварени во медицинско возило од кумановската болница и од Отља се префрлиле во Диво Насеље. Транспортот бил изведен без да ги забележат разунавачките извори.
Сценариото е дека групата во Отља добила повик и им било кажано дека следи акција на МВР и дека специјалците ќе настапат добро подготвени, со позиции од ридот над селото. Им било препорачано веднаш да се префрлат на друга локација. Наместо да се упатат кон планина, тие преку своите врски договориле превоз со возило на кумановската итна помош и стигнале во градот.
Досега не е соопштено како таа информација е доставена до припадниците на групата.
Груевски ја следел акцијата, не одговарал на мобилниот
Оперативниот штаб кој ја раководел полициската операција бил сместен во касарната во Ѓорче Петров. А во зградата на Агенцијата за разузнавање биле собрани: Никола Груевски, Сашо Мијалков, Митко Чавков, Гордана Јанкуловска, Горан Грујевски… Кога се видело дека наместо во Отља битката е во Куманово, и дека е особено крвава, командантите на Оперативниот штаб веднаш заминале кај главешините во Аеродром.
Требало итно да се организира пренасочување на единицата ЕБР кон Куманово и да се вадат од стапицата “тигрите”. Префрлено е и беспилотното летало. Тогаш дури експертите можеле да видат со колкава огнена моќ и човеки потенцијал располага терористичката група. Проценките биле дека има не помалку од 43 вооружени терористи. Досега нема објаснување што се случи со толкав број терористи, ако се знае дека официјално 10 се убиени а 14 заробени.
Додека ја следеле битката, телефонот на Никола Груевски ѕвонел постојано, а го барале повеќе амбасадори. На повиците одговарал шефот на кабинет, Мартин Протоѓер.
И Мијалков одвреме навреме се повлекувал од просторијата за да разговара на телефон.
По неколку часа “тигрите” веќе се извлекле од претстрелката, добиле засилување и можеле да се прегрупираат за нов напад. Имало обид со хеликоптер да се спуштат “тигри” зад терористите, но леталото се повлекло кога куршум му го пробил подот.
Од МВР биле ангажирани уште полицајци во акцијата. Битката се разжестила. Населението од околните куќи во меѓувреме е евакуирано. Терористите тогаш почнале по мобилни телефони да се јавуваат кај челниците на ДУИ, кај ОБСЕ, кај Американците и Европејците. Барале од нив да посредуваат за да им се овозможи безбедно извлекување од градот. Никој тоа не можел да им го овозможи, зашто веќе имало тројца убиени полицајци. Дури по завршувањето на битката пронајдено е телото на уште еден полицаец, убиен од бомба.
Останатите четворица полицајци загинале во измама – кога божем група терористи понудиле да се предадат. Ним од зад грб им пресудиле двајца терористи.
Бројот на повредени полицајци беше искачен на 40.
По изминато деноноќие со пукање, следното утро (10 мај, недела) терористите почнуваат навистина да се предаваат. Се претпоставува дека дел од нивната група успеале да побегнат.

Останати вести