Кои останаа помилувани?

Божидар Јанковски, Ленче Стафанова, Фатиме Фетаи, Жарко Луковски, Мирослав Јовановиќ, Трајко Трпевски, Мумир Пепиќ, Едмонд Темелко се меѓу оние за кои и натаму важи аболицијата

Досега никој од оние за кои важи аболицијата не побарал да биде ослободен од претседателовата милост

Откако претседателот Ѓорге Иванов донесе “одлука за отповикување на одлуката за аболиција” на 22 политички експонирани лица, на списокот остануваат уште 33-ца (плус Коста Крпач кој веќе не е жив) за кои “помилувањето пред започната кривична постапка” се уште важи. Од Кабинетот на Претседателот на РМ велат дека сега очекуваат поединечни барања за деаболицирање, иако од некои (како на пример тројцата специјални обвинители) веќе имаше такво барање.
Меѓу оние за кои и натаму важи заштитата од кривично гонење по конкретни предмети се наоѓа сопругот на Радмила Шекеринска, Божидар Јанковски. За него Јавното обвинителство покрена кривична пријава зашто своите приватни станови ги издавал на сопствената приватна фирма, иако плаќал данок!?
Аболицијата важи и за специјалните обвинители: Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски. За нив Јавното обвинителство има покренато истрага поради сомнежи дека вршеле притисок врз сведоци.
Да им се укине аболицијата не побарале ниту сопругата на Зоран Верушевски, Соња, потоа Бранко Палифров, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски – сите обвинети во случајот “Пуч”. Звонко Костовски во ноември 2015 година постигна спогодба со Обвинителството, го призна делото и е осуден на 3 години затвор. Со помилувањето беше пуштен на слобода.
Се уште аболицијата важи и за директорот на Т-Мобиле, Жарко Луковски и директорот на Телеком, Мирослав Јовановиќ (овие две фирми сега се споени во една), за кои во “бомбите” на СДСМ се слушна дека биле соучесници на ВМРО-ДПМНЕ во незаконското прислушување. Опозицијата во бомбите кои ги објавуваше укажуваше на разговори во кои се местат избори, се упатуваат закани за отпуштања ако не се гласа според инструкции, а дирекно со тоа го поврзуваа најчесто Жарко Луковски.
И Мумир Пепиќ, поранешен вработен во МВР, за ко СЈО покрена истрага за издавање нелегални лични карти користени во изборите останува аболициран.
Тука е и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, како и израелскиот државјанин Хаим Хакини чие име се поврзуваше со набавката на опремата за прислушување и исплаќање провизија.
Меѓу помилуваните е и Светлана Костова позната како судијка во Вишиот управен суд, како и Трајко Трпевски, генералниот директор на градежната фирма “Бетон-Скопје”, кој според “бомбите” платил 4 авиона со кои иселениците оделе на гласање.

Две Одлуки со ист број, едната е неважечка
СДСМ реагираше на одлуките на претседателот Иванов за селективно повлекување на аболицијата. Опозицијата бара целосно повлекување бидејќи вака дополнително се влошува хаосот со аболицијата.
Од СДСМ забележале дека во “Службен весник” има две Одлуки за поништување на помилување со ист број: 08-534/1, иако се однесуваат на различни случаи.
“Хаосот што го создаде Иванов, за да ги заштити криминалците во власта, може да се реши само со целосно поништување на неуставните одлуки за аболиции”, велат од СДСМ.

Премиерот вели: “Ако сите помилувани побараат, ќе имаме целосно поништување на аболициите”
На барањето на СДСМ (и на САД и ЕУ) за целосно укинување на аболициите, премиерот Емил Димитриев одговвара дека со последните законски измени сега има форма за поништување на лично барање и на помилувањата за останатите аболирани лица.
“Не гледам проблем целосно да профункционира поништувањето на аболицијата и сметам дека втората одлука е добро правно осмислена за на некој начин секој да може да се откаже од аболицијата. Политичарите се деаболирани, а за останатиот дел постои законско решение на нивно барање да можат да бидат деаболирани.”
Првиот човек на ГРОМ, Стефче Јакимовски, побара од Иванов декласификација на сите информации врз чија основа е донесена аболицијата.
Во Собранието, пак, со бурна расправа беше изгласана ад-хок Комисијата која треба да изготви извештај по повод барањето за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов. СДСМ се побуни зошто во таа Комисија од 11 членови дури 6 се од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците на СДСМ, ДУИ и ДПА (заедно со 5 независни) поднесоа барање за импичмент, а ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе се стави во заштита на претседателот Иванов. “Иако не се согласуваме со аболицијата, сепак сметаме дека претседателот Иванов работи според Уставот”, рече координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
За изгласување на импичмент во парламентот треба двотретинско мнозинство, кое однапред е јасно дека нема да биде постигнато. теоретски, доколку тоа би се случило, тогаш случајот се предава на Уставниот суд кој оценува дали Претседателот на Републиката делувал според Уставот. Ако со двотретинско мнозинство и Уставниот суд ја утврди неуставната постапка на шефот на државата, во истиот миг тој се разрешува и треба да се распишат нови претседателски избори.

МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ПОВТОРУВА: ЦЕЛОСНО И НЕДВОСМИСЛЕНО ПОВЛЕКУВАЊЕ НА АБОЛИЦИЈАТА

Големиот број реакции на странските дипломати со кои се изразува ставот дека за западните критериуми на демократијата е неприфатливо селективното поништување на аболицијата и натаму не стивнуваат.
Германската амбасадорка во РМ, Кристине Алтхаузер, се приклучи кон ставовите на претставниците на меѓународната заедница дека е потребно итно и целосно поништување на аболициите. Таа порача дека сите политичари мора да работат заедно за да дојдат до решение на кризата во Македонија и истовремено го повтори ставот кој го изнесе веднаш откако Иванов кон средината на април го објави списокот со 56-те аболирани лица.
Британскиот амбасадор во Скопје, Чарлс Гарет, на Твитер порача дека праведна одлука е повлекување на сите 56 аболиции, за да се обезбеди еднаквост пред законот.
Веднаш по донесувањето на одлуката реагираа и САД и Европската Унија.
Амбасадата на САД во Скопје преку соопштение посочи дека парцијалните или селективни поништувања на помилувањата само ќе придонесат кон растечкото чувство за неказнивост, и дека тоа ја спречува Македонија за напредок кон НАТО и ЕУ.
Портпаролот на Европската комисија, Маја Коцијанчич, го пренесе ставот дека мора неодложно и целосно да се отповикаат аболициите за да се зачува принципот на одговорност, да се обезбеди еднаков третман пред законот, да се отстрани загриженоста за незаконитост и селективна правда. На иста линија се јави и еврокомесарот Јоханес Хан.

Останати вести