На 45 дена пред локалните избори: Кои се главните адути за Скопје?

Политичките партии на големо се подготвуваат за почеток на кампањата за локалните избори кои следуваат.

Според анкетите направени во изминатите месеци се чини дека ова ќе бидат најнеизвесните локални избори во Скопје. Близината на рејтинзите на најголемите политички партии според многумина е главниот виновникот што во овој момент сеуште не се знаат фаворитите и главната причина поради која партиите тактизираат и не ги објавуваат своите кандидати
Најголемите битки за градоначалничката фотеља ќе се водат за големите градови, Градот Скопје и скопските општини одделно.
За Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ најверојатно повторно ќе го истрча со актуелниот градоначалник Коце Трајановски, иако во интерни анкети се појавува и името на Ивица Коневски. СДСМ засега не соопштува ништо, иако веќе претходно во јавноста се шпекулираше со имињата на Дамјан Манчевски и Петре Шилегов, а на анкети се појавуваат и Стево Пендаровски и Игор Ивановски. Интересно ќе биде и во трката за градоначалник на скопската општина Центар, Андреј Жерновски најави дека ќе бара втор мандат од жителите на Центар. Ќе ја побара поддршката и од СДСМ, а доколку не ја добие можно е да се кандидира како независен кандидат со своја листа на советници, ова затоа што во јавноста веќе одамна се шпекулира дека претседател на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ, може да влезе во градоначалничката трка. Последната информација е дека Богдановиќ ќе биде шеф на изборниот штаб за Скопје.
“Доколку Жерновски се кандидира без поддршка од СДС, ќе добие само 1,700 гласа и кривична пријава”, коментираше на својот фејсбук-профил Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа партија шпекулираат дека е можно во Центар да излезат со Сашо Стефановски, поранешен директор на Фондот за здравство.
Впечатливо се очекува да биде и во скопските општини Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров. Ивица Коневски, актуелниот градоначалник, речиси извесно е дека повторно ќе атакува на Аеродром, а како негов против кандидат од СДСМ се споменува името на Златко Марин, иако на интерни анкети е и сегашниот министер Зоран Шапуриќ од ЛДП.
Во Карпош, партиски извори брифираат дека најсериозен кандидат е Душко Весковски, кој најверојатно би се судрил со Стевчо Јакимовски, кој пак според шпекулациите веројатно ќе ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ. Во Општина Ѓорче Петров ВМРО-ДПМНЕ прави интерна анкета на 10 кандидати.
СДСМ речиси извесно е дека ќе оди со Снежана Анѓелковска Трајковска, иако внатрепартиска кандидатура најави и Александар Наумовски, новиот директор во затворот Шутка. Интересна ќе биде и битката за општина Кисела Вода.
ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе излезе со Јохан Тарчуловски, додека од СДСМ засега најактивен е Филип Темелковски.
Помеѓу македонските електорат Чаир важи за општина која не предизвикува голем интерес. Но, чаршиските муабети велат дека можно е Мухамед Зекири, доколку не добие поддршка за градоначалник на Скопје да оди кандидат за оваа скопска општина.
Засега останува енигма околу партиските кандидати за Гази Баба и Бутел. Ниту ВМРО ДПМНЕ, а ниту СДСМ до сега јавно не коментираат околу имињата на кандидатите за овие две општина. Првата важи за општина во која ВМРО ДПМНЕ сигурно ќе ја добие поддршката на граѓаните, а втората можно е да отиде во рацете на владејачката партија СДСМ.
Интересни за следење ќе бидат и изборите за градоначалник во Битола, Штип, Охрид, Струмица, Прилеп и другите поголеми градови. Во Битола засега се споменува името на лидерот на ЛДП Горан Милевски, како кандидат на коалиција предводена од СДСМ. Во Штип, се погласни се шпекулациите дека е можно СДСМ да оди со пратеникот Благој Бочварски. Дали неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев, ќе оди на нов мандат се уште е нејасно. Во Охрид ВМРО-ДПМНЕ речиси извесно е дека повторно ќе трча со Никола Бакрачевски, иако на интерни анкети се пуштени и други имиња.

Останати вести