Досега четири лица се крвнички претепани како одмазда за нападот врз Зијадин Села на 27 април 2017. Еден од претепаните воопшто и не бил во Собранието. Власта засега молчи и не реагира.
Стојан Павлевски (52), кој е веќе осуден за обид за убиство на Села на 3 години затвор, веќе три месеца е во критична состојба во Државна болница а полицијата и обвинителството не можат да утврдат ни мотив ниту пак сторители!? Стојан од Обвинителството доби преквалификација на делото, а изрази и каење за насилството врз Зијадин Села. Две тепачки претходеле во притворското одделение во Затворот “Скопје” во Шутка – еден притвореник, кого кривично го товарат за нападот врз пратеникот Села, бил претепан до бессознание.
– Мојот син Стојан Павлески ниту може да зборува, само гледа со очите нагоре, ако му дадам вода добро ако не ништо. Нозе, раце се му се отечени, цел е катастрофа. Пробува да збори ама ништо не го разбирам, пошто е повреден во главата – сведочи неговата мајка.
Со него настрадал уште еден скопјанец, кој за време на нападот се згодил со Павлевски и веројатно пробал да го брани.
– Тој што бил со него е удрен во главата и раката му е скршена ама е во добра состојба, мислам – вели мајката на Павлевски.
Полицијата со штури информации за крвавиот напад врз Павлевски. Критичниот 24 септември кога е претепан, има регистрирано само пријава од граѓани.
На 24.09.2018 од граѓани било пријавено дека на влезот од скопски Зелен пазар, во паркот лежеле две лица. Полициски службеници излегле на местото, а лицата со возило на Итна медицинска помош биле однесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза” каде им била укажана лекарска помош. По преземените мерки било утврдено дека станува збор за лицата В.Т. (58) и С. Павлевски (52), двајцата од Скопје, стои во соопштението од МВР.
Скопјанецот кој најверојатно поради Павлевски бил натепан, после три дена од нападот случајот го пријавил во полиција, но никаде во пријавата не го споменал Стојан.
“Во врска со овој настан на 27.09.2018 година во 12 часот во СВР Скопје, В.Т. пријавил дека на 24.09.2018 година околу 18:30 часот во близина на угостителски објект на булевар „Кочо Рацин” физички бил нападнат од 3 непознати лица при што паднал во бессознание. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, стои во соопштението на МВР за пријавата поднесена од второто лице кое било повредено.