Дел од медиумите во Републиката објавија вест дека Симеон Атанасов – eден од 47 посвоени синови на покојната дива на ромската музика Есма Реџепова, бил приведен во скопската полиција поради сомнение оти тој го ограбил нејзиниот музеј на Калето.
Ова не беше потврдено од МВР, според кое првата кражба се случила уште по смртта на пејачката во 2016 година, а полицискиот увид во просториите е извршен по барање на барање на Фондацијата „Есма Реџепова” дури на 30 март годинава!?
„На 30 март 2018 година пријавено е дека од 12 декември 2016 година, до 30 март 2018 година, непознат сторител извршил тешка кражба во Музејот на Есма Реџепова, на улица “Самоилова”, па се превземени мерки на утврдување на одземените предмети и пронаоѓање на сторителот”, стои во соопштението на полицијата.
Есма целиот свој движен и недвижен имот, вклучувајќи ја и куќата во која се Музејот и Домот на хуманоста и уметноста „Стево и Есма Теодосиевски”, во која живеела, во својот тестамент ги иставила на Република Македонија.
Тестаментите на Есма никој ли не ги чита?
Есма зад себе оставила два тестамента кои се сочинети според сите прописи во земјата. Направени се на 25 декември 2014 година и депонирани кај нотарката Ивана Катевеновски. Во првиот тестамент Есма сиот движен и недвижен имот и го остава на државата Република Македонија. Во вториот тестамент таа сите авторски права за песните што таа и Стево ги направиле му ги остава на штитеникот Симеон Атанасов (роден 1976), при што е приложен и список на песните составен од ЗАМП.
Симеон Атанасов, кој беше јавно неправедно обвинет, својот тестамент го даде на увид на јавноста.
– Не ми требала ниту куќата, ниту пак било што од внатрешноста на куќата. Јас сум наследник на авторските права и тоа ми е сосема доволно. Сакам да го сочувам добриот спомен на Есма и благодарен сум и што ми помогна во животот. Што со нејзина и помош на Стево Теодосиевски јас си го пронајдов патот и до денес се занимавам со музика. Таа ми даде доволно мене и на сите останати деца кои ги одгледа, и затоа ги демантирам сите пишувања и гласини дека сум извршил било каква кражба и сум присвоил нелегално било што од нејзината куќа, се изјасни Симеон, кој со децении беше и менаџер на кралицата на Ромската песна.
Според подобри познавачи на состојбата околу наследството на Есма, проблемот настанал кога нејзините роднини се јавиле да бараат од оставнината. Спомнавме дека по игра на случајот во истиот ден со Есма починала и нотарката кај која биле тестаментите. До назначување на нотар кој ќе ја преземе нејзината архива минале повеќе од два месеца и во тој период нејзините родинини од трет наследен ред (внуци од сестра и брат), поведоа оставинска постапка иако знаеа за тестаментите. Тие уште минатата година ја предложиле и ја поставиле нивната адвокатка за старател на оставината, иако немаат право на такво нешто бидејќи знаат оти нема на што да бидат наследници. Новиот нотар и покрај тоа што знаел дека постојат тестаменти, не можел да ја прекине постапката бидејќи формално државата на време не се произнесе за тоа дали се прифаќа за наследник или не.
И така тргна разграбувањето на оставнината
Есма беше болна од рак и повеќе месеци беше хоспитализирана во една приватна здравствена установа во Скопје. Почина на 11.12.2016, на 73-годишна возраст. Додека била во болница во нејзината куќа останал да живее еден од внуците со семејството. По нејзината смрт тој излегол од таму и заклучил. Потоа тргнало разграбувањето.
Според пописот што го направило МВР од нензината куќа-музеј недостасуваат:
1. Кована ограда во должина од пет метри на влезот од главна врата;
2. Во ходник недостасува клупа за седење;
3. Во подрумски простории недостигаат следни работи: 10 хармоники, две труби, кларинет, гитара, бас појачало, комплет аудио и видео материјали, монографии, миксер, пофалници, цела документација што е донесена од Белград;
4. Во канцеларија недостигаат следните работи: урна од покојниот Стево Теодосиевски, комплет гарнитура за седење, комода, четири уметнички слики, маса за седење со 6 столици и мала клуб масичка;
5. Во недовршениот дел (салон за прием) недостига 50 м2 подни плочки, донација од компанијата Санторини Струмица;
6. На приземје во купатилото недостасува вц школката.
7. На влезот од првиот кат недостига комплет котле за парно греење.
8. На првиот кат во кујна недостига комплет кујна, голем фрижидер со дупла комора, шпорет, прочистувач на вода, клима уред, гарнитура за седење, телевизор ЛЦД, пет уметнички слики, метални корнизи, два големи персиски тепиха, завеси, комплет прибори за јадење, две комоди на кои беа изложени преку 100 награди добиени од разни институции и манифестации, една закачалка со огледало, портрет на Есма во природна величина, портрет на Стево, плакар во кој што беа преку 200 пара чевли на Есма, повеќе од 200 свечени фустани кои ги носеше на своите концерти, златен накит, бисери и други вредни предмети…
На 30 март годинава, во изјава за неделникот „Фокус”, Аднан Реџепов, внук на Есма (кој живее во Германија), тврди дека ништо не е украдено од Музејот. Андан вели дека станува збор за недоразбирање, бидејќи тој самиот бил во Скопје до пред два дена, кога повторно заминал во Германија. Тој тврди дека сите предмети кои биле во сопственост на Есма и Стево, биле пренесени во собите на горниот кат и биле заклучени на сигурно. Таму била и урната на Стево, за која тврдеше дека планира да ја пренесе на гробишта, на местото каде е погребана Есма, и да им направи заеднички споменик.
– Се што беше во сопственост на тетка ми е на сигурно. Ние, блиските роднини, имаме клуч од музејот и ги сместивме предметите во собите на горниот кат. Јас бев во Македонија со цел да ги завршам обврските околу подигањето на споменикот, бистата и останатите материјали веќе се пренесени во Скопје, и надлежните ќе започнат со работа најверојатно после Велигденските празници – изјави Реџеповски.
Но работите ги нема! А и зошто на сигурно би се ставала вц школка, штекери и радијатори???
Очигледно некој лаже!

