По 37 години постоење се зборува дека Австралиско-македонскиот комитет за човечки права (АМКЧП) од Мелбурн официјално ќе се дерегистрира како инкорпорирана асоцијација и ќе се распушти.
Од таа причина ги контактиравме членовите на управата кои ни изјавија дека тоа не е баш црно и бело. Регистрацијата постои но симната е интернет страницата и социјалната страница на Фејсбук. А сите архивски публикации во иднина ќе можат да се најдат на интернет страницата што ја одржува Виктор Бивел на:
www.pollitecon.com
Основана во далечната 1984 година, Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (АМКЧП) е невладина организација која информира и се залага пред се за заштита на правата на Македонците што се наоѓаат во денешните граници на Грција, Бугарија и Албанија. Но тие вршеа и заштита на човековите права на македонската заедница во дијаспората.
Еден од најголемите успеси на АМКЧП беше маратонскиот судски спор против преименувањето на македонскиот јазик во “славомакедонски”. Тоа се одвиваше од средината на 1995 година, па се до финалната одлука на Врховниот суд на Австралија во 2000 година при што беше извојувана победа и јазикот си остана само “македонски”.
АМКЧП беше една од истакнатите групи за застапување на човековите права во македонската заедница во Австралија и низ македонската дијаспора, но во изминативе години се намалија активностите поради замор и немањето вистинска подршка. На тоа дојдоа и 16 месеци под блокада заради коронавирусот па сето тоа создаде истоштеност во луѓето кои волонтерски три декади неуморно работат за доброто на заедницата. Таа доброволна работа, како што сите знаеме, носи голема одговорност а многу малку благодарност и почит. Во изминатите неколку години на годишните собранија АМКЧП немаше луѓе, интерес ниту поддршка.
Соочени со реалноста дека тешко се наоѓаат вистински луѓе што можат да продолжат, иднината е неизвесна.
Се разбира во секое време може да се најдат поединци што ќе се истопорат да бидат или претседател или секретар итн. Но веќе знаеме од искуството со Советот на македонската заедница дека тоа не е решение. Сега во прашање е само кој ќе биде последниот што ќе ја изгаси сијалицата.